Александар Петров (Bace Quartet)
Во Европа е во мода балканската музика
Повеќе ценети и почитувани во Европа отколку во Македонија, членовите на интернационалниот состав Bace Quartet, во кој се перкусионистот Александар Петров, клавијатуристот Васил Хаџиманов, кавалџијата Теодоси Спасов и Башар Кхалифе (перкусии), неодамна во францускиот град Лион го промовираа своето актуелно цеде Без прозор, инаку втор албум во кариерата.
За десетина дена, колку што траеше нивната фуриозна мини-турнеја, освен во Франција, концертно настапија и во Австрија, Хрватска и во Бугарија, а публиката во Кавадарци беше единствената од Македонија која засега ја имаше таа привилегија да го слушне новиот материјал...
Перкусионистот Александар Петров, по завршувањето на Музичкиот конзерваториум во Париз (на отсекот ударни инструменти) во 2002 година, целосно и се посвети на својата кариера, повеќе во Европа, отколку во Македонија, каде, одвреме-навреме настапува. Како дел од интернационален состав, Bace Quartet, во кој освен него членуваат и Теодоси Спасов (кавал, Бугарија), Васил Хаџиманов (клавијатури, Србија) и Башар Кхалифе (перкусии, Либан), во изминатиот период стана познат на европските музички сцени, со амбиција неговата музика да стаса и до консументи од другите континенти.
Неодамна објавениот албум Без прозор, својата промоција ја доживеа во Лион/ Франција, по што следеа гостувањата во Австрија, Хрватска и Бугарија, додека концертот во Кавадарци, за сега беше единствениот во Македонија...
За жал, не сум јас тој што одлучува за тоа каде би го промовирале за прв пат вториот албум на Bace Quartet. Таму каде што има интерес за нашата, или поточно за моја музика, настапуваме со најголемо задоволство... – вели Александар Петров, предводник на оваа интернационална екипа составена од врвни музичари.

Петров, кој еден период од животот го мина во Франција, каде работеше на своето музичко усовршување, сега е во Македонија...
Моментално живеам во Скопје, а самото тоа укажува на многу работи кои се емотивно поврзани... – вели тој.
За емоциите зборува и актуелниот албум на Квартетот – Без прозор, особено во времето кога бендот станува и тоа како активен во интернационални рамки, а кога и Западен Балкан се отвора кон светот...
Самиот наслов на новиот албум Без прозор со себе носи отвореност и неограничувања, кои преку музика се достапни за сите оние кои ќе сакаат да го слушнат барем еднаш. Очигледно е дека во Европа балканската музика е во мода, а реакцијата на публиката и во најмалото европско село е секогаш повеќе од очекуваното. Едноставно сме изненадени од тоа како на нас реагира европската публика!
Со оглед дека Квартетот успешно функционира веќе неколку години, останува необјасниво што е она што така добро заедно ги спојува луѓето од Македонија, Србија, Бугарија и Либан? Всушност, како функционира бендот кога музичарите живеат во неколку различни држави?
Пред се, нас не спојува музиката. Таа е јадрото на нашето успешно функционирање. Како бенд се среќаваме само кога музиката треба да ја доживееме на концерт, или за снимање на нов албум – вели Александар, откривајќи дека нема недоразбирања меѓу членовите на бендот...
Најискрено, до сега се нема случено да се скараме еден со друг. Имаме голема меѓусебна почит, што веројатно претставува клуч за нашиот успех...
Првиот настап во Македонија на кој членовите на Bace Quartet го промовираа новото цеде беше во Кавадарци, додека свирката во македонската престолнина останува да се случи во некои посреќни времиња...
Ах Скопје, граду мој, до кога ќе си во раце на луге кои немаат интерес за култура? – се прашува Петров, жалејќи што неговиот град ќе треба да почека до следниот настап на Bace Quartet.

Изведувачки, основата за актуелново цеде Без прозор ја дадоа сите членови на Квартетот, а придонес во реализацијата на албумот имаа и гостите: Газменд Бериша, Бојан Зулфикарпашиќ и Петер Херберт. Со некои од нив, Александар Петров веќе има соработувано...
Тоа се големи имиња, музичари без норма со веќе изградена музичка слика. Се дружам со сите кои сакаат да се дружат. Не би набројувал никого посебно, за да не заборавам некој. Доволно е само Емин Џијан да ми фрли едно ЛА, па да морам да му вратам со ДО, и да падне музичка крв! Музичка мафија... Најпосле, јас имам само 30 години, па во зависност од моето музичко градење, произлегуваат и соработките со колеги од Македонија – смета Александар.
Животот во странство на Александар му овозможи подобра перцепција и согледување на работите. Дали заради тоа Bace Quartet е добитна комбинација?
Искреноста во музикате е таа што денес фасцинира насекаде, и секој пат ќе е добитна. Наша предност е што се уште имаме, иако не знам до кога, традиционална музика, традиционални инструменти и музички национализам...

Меѓу плановите на Квартетот се и многу до сега неостварени желби и амбиции на Петров и останатите. Желбите се скромни, и најмногу зависат од добрата воља на некои одговорни луѓе, и од нивниот слух и сенс да ја доживеат музиката што ја исполнува Bace Quartet...
Јас би сакал барем еднаш да ни се даде шанса да гостуваме на Скопје џез фестивал и на Охридско лето! Инаку, во тек се преговорите за нашите гостувања во ориенталниот свет - Мароко, Либан, Алжир, Париз... – открива Александар.
Останува да видиме дали и потатаму границите во светот ќе бидат поотворени за оваа извонредна интернационална џез-дружина, или, конечно нивната вредност конечно ќе биде препознаена и во Македонија. Како и да е – најтешко е да си пророк во своето село...
Иван Беќковиќ Теа модерна
Датум:
17.03.2010.
|