21.XII ’08. Браќата Тавитјан
Дики и Гаро предновогодишно ја запалија Универзална
Виртуозите на македонската џез-музика Гаро и Диран Тавитјан на 21-ви декември на предновогодишниот концерт во Универзална сала пред домашната публика уште еднаш ги оправдаа позитивните критики на светската јавност и докажаа дека се дел од елитата на светската џез-музика.
Иако концертот почна со получасовно задоцнување, сепак на влезот на Универзална остана маса од луѓе што не успеаја да влезат поради неважечки влезни билети.
Публиката во преполната Универзална сала со нетрпение и со аплаузи го очекуваше појавувањето на Тавитјанови, кои на сцената излегоа придружени од басистот Горан ѓеШовски . Гаро јуниор како увертира на инструменталниот перформанс ги најави темите од нивните нови албумски проекти Macedonian Rhythms and improvisations и Treasure.
Маестралните изведби на Диран на клавијатурите и енергичните звуци, кои ги создаваше Гаро на тапаните беа збогатени со фотографии од природните и историските богатства на Македонија, кои постојано се вртеа на видеобим. Во џез-темите, создавани во Њујорк за време на светската турнеја, се препознаваа влијанија од западната џез-музика, но во некои и традиционални македонски звуци, кои кај публиката предизвикуваа силни емоции проследени со аплаузи и извици.
По првиот музички блок на сцената излезе првиот специјален гостин, познатиот светски перкусионист Рани Крија, кој како што најавија домаќините на вечерта, е дел од бендот на музичката ѕвезда Стинг. Крија на сцената со своите десет прсти создаваше беспрекорна перкашн-музика на тарабука, конги, карипски тропалки и неколку африкански и арапски традиционални инструменти, чии звуци внесоа амбиентална атмосфера во композициите на браќата Тавитјан.
Потоа на сцената се придружи и вториот најавен гостин, познатиот балкански кавалџија Теодоси Спасов, кој имаше голем удел во енергичноста на целиот музички перформанс. Воодушевената публика не можеше да се воздржи и да ги скрие емоциите, па со аплаузи ги придружуваше неверојатните инструментални импровизации. Откако и се поклонија и и заблагодарија на публика за одличниот прием, гостите од странство се повлекоа од сцената, а следуваше поп-пејачката Ева Нединковска, која придружувана од Гаро, Дики и Александар испеа две кабаре-нумери.
Меѓу гостите најавени како изненадување беше поп-ѕвездата Каролина Гочева, која моќно ја отпеа антологиската Дафино вино црвено, дополнета со перкашн-изведба на Тавитјанови. Во завршниот дел на концертот настапи нивниот татко, познатиот тапанар Гарабет Тавитјан, со несекојдневен инструментален перформанс на тенџериња. Неговата темпераментна изведба беше еден вид кулминација на концертот и вистинско шоу за публиката.
Следуваа уште неколку познати теми во изведба на Гарабет, Гаро, Рани Крија, Диран, а два и полчасовниот концерт финишираше со настап на инструментален состав на тапани и соло-изведба на Гаро.
По концертот браќата Тавитјан испратија соопштение во кое им се извинуваат на оние што имаа купено влезници, а не успеаја да присуствуваат на концертот поради недоразбирање и преполнетост на салата. Влезниците можат да ги вратат на местата од каде што ги купиле во Југотон и во Чув де чув, и ќе им бидат вратени парите како и новите CD-а на браќата Тавитјан на подарок.
Важно! Како помина концертот на Браќата Тавитјан и нивните гости најдобро го опишува кусиот документарен филм, кој го имате на МММ.
Шпиц
|