Кокан Димушевски
За сe што е ново, не прашувам колку чини!
Меѓу турнеја по Хрватска и снимање две нови песни со Леб и сол, Кокан Димушевски зеде тајмаут и им се посвети на своите бои. Имено, токму така - Colours & Colours е насловен неговиот аудиовизуелен соло-концерт, кој на 30. март, во рамките на Денови на македонската музика, ќе се одржи во киното Фросина.
Со оглед дека паралелно со членувањето во Леб и сол, Кокан повеќе од три децении c е посветен и на својата самостојна кариера - музика за театар, филм, телевизија, радио, џинглови, песни за други, траки за свои соло-албуми... - теми за муабет не ни недостасуваа.
Единствено немаше доволно време за да се опфати сето она што овој генијален македонски музичар го имаше сработено во последно време, но и да се најави што ново ќе следи од работилницата на Димушевски, за кого велат дека е еден од најдобрите клавијатуристи и музички аранжери на Балканот
Во рамките на 33. по ред Денови на македонската музика, на 30 март ќе се случи твојот соло-настап - Colours & Colours, аудиовизуелен концерт, на кој ќе настапиш заедно со виолончелистката од Србија - Тамара Савиќ. Сакам да забележам - цел живот успешно балансираш меѓу два концепта - сериозен и несериозен музичар. Под првиот поим го опфаќам сето она што како некомерцијално, а и тоа како артистичко, го имаш сработено досега, без намера да c се додвориш на публиката, а под вториот, сa друго што е наменето за пошироката популација – од Леб и сол, преку кокетирање со естрадната сцена, концертирање пред широки народни маси...
Кога си сам, и работиш соло, одговараш единствено самиот пред себеси! Сите ловорики и критики се твоја лична сопственост, дури и за евентуалниот пораз виновен си самиот ти. Мојата музика во Леб и сол, пак, и целиот пристап во бендот е подложен на компромиси. Едноставно, имаш одговорност за уште тројца или четворица луѓе, кои се со тебе, и не смееш да се играш со нивните судбини и кариери. Во своите соло-проекти можам колку сакам да се опуштам и да си го направам меракот - да бидам едноставно тоа што сум - јас самиот!
Сите твои соло-проекти, почнувајќи од албумот Двоен живот...
...се тотално некомерцијални, што многумина го сметаат за неуспех, иако јас се гордеам со тоа. Искрено, тие поделби - тој настапува и соло и со бендот - понекогаш ме нервираат. Знаеш - музичар си е музичар, автор си е автор...
И двата концепта ти се важни и не би се откажал од ниту еден?
Апсолутно, но јас тука би издвоил уште еден концепт - музика за театри, филм, џинглови...
Но, нели е сето тоа, сепак, сето она што го работиш соло...?
Па, да! Се додека работиш со волја, се додека стомакот има да каже нешто што мораш да го кажеш, тоа е во ред. Во моментот кога почнуваш да правиш калкулации, настануваат проблеми. За среќа, досега сум немал проблеми со тоа, бидејќи се правам онака како што чувствувам во одреден момент. Болката што ја чувствувам додека имам во себе музика, има само еден излез - да отидам да направам концерт или да издадам албум. Само така можам да се ослободам од болката, но и да направам место за нова болка и нова музика.
Проект без почеток и крај...
Да се вратиме на концертот на 30 март. Што публиката ќе слушне од тебе во киното Фросина?
Идејата за овој концерт Colours & Colours ја добив од уметничката Алиса Раѓеновиќ, која е родена и живее во Њујорк. Таа прави прекрасни слики - масло на платно, во еден, досега за мене непознат, минималистички стил. Се што видов на нејзините слики, го знаев и од порано, но не на тој начин. Кога ги видов нејзините дела на интернет, без нејзино знаење, почнав да создавам музика, а сликите ги направив како филм. Таа беше воодушевена од мојата работа, и почнавме да соработуваме - Бои и бои - Алиса сликаше во Њујорк, а јас правев музика во Скопје. Јас бев нејзина инспирација за сликите, а таа мојата инспирација за музиката. Како јинг и јанг - проект без почеток и крај...

Дали Алиса ќе биде дел од концертот. Ќе дојде ли таа во нашата земја на чудата?
Алиса е презафатена и, за жал, не може да дојде. Концертот ќе биде снимен и аудио и визуелно, и ќе и биде испратен во Њујорк. Но, со мене на сцената ќе биде една прекрасна виолончелистка од Србија - Тамара Савиќ. Таа ќе свири и на класично и на електрично виолончело, и верувам дека ќе и се допадне на публиката. Заради обврските на членовите на Гудачкиот оркестар, во последен миг отпадна нивното учество на сцената, но нивното музицирање ќе оди од трака. Секако, јас ќе бидам задолжен за електроника на типки, која ќе звучи аналогно.
Што после овој концерт?
Постои можноста Боите, заедно со мојот претходен проект Календар, како микс да бидат ставени на едно дивиди. Чисто да остане како документ дека некогаш тука работевме еден ваков концепт, за малкумината кои сакаат вакво вид музичко размислување.
Без оглед што проектите се некомерцијални, често со нив настапуваш по регионот?
Тоа се благодатите, кои ги носи работата. Благодатите на убаво дело е да биде барано. И мојот претходен проект Календар беше за една изведба, па со него настапив и во Нови Сад, и на Скопско лето, Охридско лето, Битолско лето..., а во план е во јуни и заеднички настап со дел од виенските филхармоничари и хор, во една тамошна црква. Диригентот го чул делото на Нет, ме контактирал и се договоривме... Ете, делото живее и само, без јас да го буткам. Сега се јавуваат и заинтересираните од Словенија и од Чешка, кои би сакале тамошната публика да го види Календар. Којзнае, можеби тоа ќе се случи и со Боите...?!
Животот ми е Музика - со големо М!
Колку како музичар и инструменталист, секојдневно си c посветен на работата?
Вчера вежбав 11 часа. Откако станав - не застанав. Испив три кафиња, изедов еден тост, и 11 часа свирев. Некогаш имам потреба цел ден да не се одвојам од инструментот, а има денови и да не го погледнам. Но - мојот живот дефинитивно е Музика - со големо М! Јас веќе не можам да научам ништо ново, а и мојата техника е таква каква што е - што си научил досега - тоа ти е. Но, она што луѓето на мои години можат да го направат, е да го одржат сето она што досега го имаат постигнато. Твојот бекграунд е она што те прави голем уметник.
Што се случува со Леб и сол? Периодов концертно многу бевте активни во Хрватска!
Брзиот воз наречен Леб и сол постојано забрзува и зема замав. Хрватската клупска турнеја траеше неколку викенда, по што следат настапи по клубовите во Србија и во Словенија. Кон крајот на април сме во Стон и на Пелешац, каде ќе инсталираме студио за да снимиме две нови песни и еден спот. Летово ќе имаме турнеја по Хрватска, а го подготвуваме и проектот во кој заедно ќе настапат Леб и сол и Хрватскиот џез-оркестар, со сосема нови аранжмани на песните. Биг бенд и Леб и сол навистина ќе звучат мошне интересно... Скопските фанови, пак, ќе можат да не видат и да не слушнат во клубот Колосеум, на 8. април.

Кога зборуваме за актуелните новости врзани за Леб и сол, имам чувство дека бендот никогаш не бил толку среќен како сега. Во основа, бендот никогаш немал тенденција да стане стадионска атракција, туку најдобро се снаоѓал во клупските простори, нели?!
Дефинитивно - тоа е тоа! Кога свириш во клуб за 600-700 луѓе, финансиите не се исти како во сала која има 4.000 места, но енергијата е многу поубава. Љубовта со публиката е тука, во твојата непосредна близина. Ги гледаш нивните насмевки и среќен си што им се допаѓа твојата музика...
Изминатиов период бендот мина низ еден мошне турбулентен период. Со нов концепт, нов албум, нови членови... Некои од нив останаа во бендот, некои се откажаа...
Едноставно се симнаа од возот! Оваа формација - Бодан, Кокан, Мичо Божиков и Гоце Стефковски е добитна комбинација. Одиме на пат среќни и насмеани, со лесно... Иако јас возам, а другите спијат веќе во Куманово, комуникацијата ни е одлична. Никој никого не заморува со својата присутност...
Бидејќи свиревте во Хрватска, престана ли на тамошните фанови да им недостасува Влатко Стефановски на сцената?
Тоа мораш да ги прашаш нив! Оние што доаѓаат на концертите ја сакаат добрата музика и веруваат во овој бенд. Лично мене, воопшто не ми недостасува Влатко, веќе цели четири години... Последнава турнеја е доказ на нешто многу интересно. Никој досега не дошол да ме праша кај ви е Гаро или кај ви е Влатко? Едноставно, звукот на Леб и сол го најдоа во овој бенд, со овие луѓе сега.
Етното е нашиот ДНК-код
Го имате ли веќе концептот за новиот албум? Двете песни кои ги спомна, верувам се најава дека тој е барем во фаза на размислување?!
До новиот албум има барем два проекта. Едниот се тие два нови сингла, што ти ги спомнав, а вториот е концерт со хрватските џезери.
Какви се тие две нови песни?
Засега нека остане тајна. Но, да ја задоволам твојата љубопитност, едната е мошне интересна обработка на македонска традиционална песна, а втората е авторска тема.
Кога правиме муабет, имам чувство дека си најсреќен кога можеш да ги компонираш класиката и џезот со македонската традиционална музика?
Етното е во нас, како наш ДНК-код. Уште во 1976 година користевме цитат од Абер дојде Донке, а 30 години подоцна и Распукала Шар Планина. Тоа се сосема нови песни, бидејќи само основата на еден дел е земена од традиционална тема.

Од оваа перспектива, како гледаш на последниот албум на Леб и сол - И така натака?
Се уште не можам да му се изнаслушам. Кога го работиш, однатре, не си свесен што си направил, но од оваа временска дистанца, тоа е одличен проект. Со првите три албуми на бендот, овој одлично кореспондира. Другите не ме интересираат, бидејќи беа на раб на поп-музиката, што многу ме нервира. Мора да се знае - дали си шлагер, дали си џезер, дали си поп-музичар...
Така збориш, а соработуваш со музичарите од естрадната сцена?
Многу ретко соработувам на полето на поп-музиката. А, кога тоа го правам, обично е од приватни причини, затоа што не можам да одбијам пријател. Но, и во тој случај, целосно сум изолиран од комерцијалноста, па им велам на луѓето: Ставете ја песната последна, да не ви ја прерипуваат на радио!.
Каков е денес твојот однос кон албумот Октоехос, на кој е претставено твоето видување на духовната музика?
Кога го снимив во 1997-ма, тоа го направив како експеримент, за да видам колку лично можам да се носам со таква музика, оти не смееш да расипеш нешто што е идеал. Својата ренесанса Октоехос ја имаше во 2004 година, кога за Велигден со Теа модерна испечативме неколку десетици илјади примероци, кои ги поделивме бесплатно. На тој начин Октоехос влезе во многу македонски домови.
Навистина, голема ми е желбата да снимам Октоехос 2, но во државава како да недостасува сенс за сериозни проекти, кои се многу битни и за нацијата и за музиката воопшто. Кога ќе видам кој се и за што се се добиваат државни пари, воопшто не ми се ни аплицира кај институциите да барам средства. Тоа ќе го направам со свои сили, кога ќе можам...
Посакувам светот да биде матријархат!
Леб и сол и Кокан Димушевски, кои се национален бренд, никогаш не биле особено поддржани од државата?
Никогаш! И смачено ми е да тропам по референтските врати, зад кои тече иста приказна дека сме во огромна криза и дека нема пари за култура, а сенешто се случува, се прекопува центарот на Скопје и што уште не. Луѓето кои одлучуваат, едноставно немаат сенс за артот.

Синот Милан е под твоето силно музичко влијание?
Јас би кажал дека е под семејното влијание, оти слушал она што се слушаше во куќата...
И неговите проекти се интересни, а не се комерцијални. Како Летачки пекинезери, на пример...
Се согласувам, Пекинезерите се добар пример. Но, тука е и балетската монодрама, која ја работеше со Саша Ефтимова. За нејзиниот проект Милан ја направи музиката, и како дел од приказната, настапи на електронските тапани. Знам дека и Милан тешко со својата уметност ќе ја издржува фамилијата, но тоа е негов избор. Ако!
Ќерката Андреа исто така тргна по патот на уметноста!
Деа заврши режија и актерство во Бугарија, а работи и како диџеј. Нејзина област е транс-музиката. Се договараме таа да направи матрица со ритам, а јас да дополнам со фендер пиано или нешто слично. Па, немој да се зачудиш ако ме видиш како дел од некојаси транс-забава, каде би отсвирил соло. На таквите забави одат и по 7-8 илјади луѓе, што доста ретко му се случува и на Леб и сол, а мене, како соло-изведувач - никогаш!
Што би било идното дело на Кокан Димушевски?
Веројатно женска клапа! Нешто што досега сум немал можност да го работам. Иницијатива за такво нешто се случи неодамна во Сплит, кога на концертот на Леб и сол дојде клапата Шторија. Направив уводен аранжман за Распукала Шар Планина, со што и започна песната акапела, и многу бев задоволен и од својата работа, и од девојките како го пеат. Тоа ми е предизвик за понатаму. Се надевам дека наесен ќе ги снимиме, или во Сплит, или во Загреб. Се што е ново, за мене претставува предизвик. И, јас не прашувам колку пари чини...
Веруваш ли сa уште дека со добра музика, филмови и книги може да го смениме светот?
Дефинитивно. Освен тоа посакувам светот да биде матријархат, бидејќи ако сите претседатели, премиери, министри и генерали бидат жени, мислам дека нема да постои мајка која своето дете би го дала да оди во војна.
Теа модерна Иван Беќковиќ фото: Бисера Станковска |