Златко Ориѓански
Добро утро, госпоѓо!
Приказната за враќањето на Анастасија мене ми личи како брак и развод од една жена, со која по 10-15 години се среќаваш на плажа во Сплит, и ја обновуваш романсата не сакајќи да видиш дека веќе е друго време и дека сите внатре се поинакви од порано. Јас не се возам на таа патека. Сa во свое време... - вели Златко Ориѓански, еден од тројцата еднакви во култниот состав, не оставајќи простор за нови проекти на групата.
Ориѓански денес е во еден поинаков филм, во исто време и близок и далечен од времето кога бил дел од групите Анастасија и Лола В. Штајн. Во разговорот кој траеше неколку часа, а го водевме на прекини, неколку дена едноподруго, зборувавме за сa и сешто - од можноста да се сними продолжението на Македонско девојче со Каролина Гочева, преку вечните теми - музика и литература, па до спомениците во центарот на Скопје и механизмите преку кои еден уметник од негов калибар се обидува да остане надвор од лудилото на политиката...
Разговорите обично се прават со повод, а последен повод врзан за твојата работа е албумот на Анастасија снимен во живо и објавен лани, по 15 години од музиката за антологискиот филм на Милчо Манчевски - Пред дождот. Денес Анастасија е културолошки феномен, еден од најзначајните македонски состави на сите времиња. Иако официјално никогаш не соопштивте дека кревате рачна, бендот веќе неколку години не функционира. Оттаму, колку албум во живо е и најава за некој нов почеток?
Накусо ќе се обидам да ја објаснам целата работа. Иако Анастасија е дел од мојот живот, јас денес сум далеку од тоа. Таа приказна имаше свој почеток, свој пат, и свој крај... Кога велам крај мислам на нешто човечно, бидејќи ништо не е вечно... Иако, луѓето имаат чудна навика - кога ќе купат цвеќе и кога ќе го стават во ваза, очекуваат да трае цел живот. Се сеќавам на времето кога Анастасија ги имаше своите последни концерти, а јас се чувствував сит од тоа, прејаден... Можеби ова некому ќе му звучи како демистификација на целата приказна, но јас сакам да ја кажам. Свиревме на Златибор, некојси септември, заедно со Електрични оргазам. Концертот ќе го паметам по многу студено време и по тоа дека одвај ги земавме парите. На враќање, размислувајќи за тоа како постојано гледав на часовник за време на концертот, им кажав на Горан Трајкоски и Зоран Спасовски дека би требале чесно да ја затвориме приказната, дека е доста од сe...
Иако јас тоа никогаш не го доживував така, публиката не перципираше како некаквиси знаменосци на она што е православие. Мене со текот на времето почна тоа да ми тежи... Како човек, отсекогаш сум бил сомничав кон сите идеологии, и никогаш немав никаков однос кон политиката, која за мене е ништо. Таа не дава одговори на важни човечки прашања, какви што се љубовта, осаменоста, смртта...
На пример - во Црна Гора, по концертот, на рецепција монасите од Цетиње ни оставија три крста. ОК, јас тоа го почитувам, но припадноста кон каков било вид на симбол мене ми е смешна, неважна. Крст, петокрака... Реки крв има зад секој симбол... Таму себеси не се гледам... Тоа чувство за Бог разбран низ институција, не е дел од мене...
Најпосле - кога зборувам за Анастасија, за мене се важни два момента. Првиот е таа судбинска средба со Милчо Манчевски и работата на филмот Пред дождот. Денес сум сигурен дека тоа е најдоброто што остана зад нас, од вкупно три албуми. Актуелниот албум, снимен во живо, на кој ти се повикуваш, го објаснува вториот момент. Пропатувавме низ цела Европа, па ми дојде некако логично да оставиме документ дека тројца луѓе од Скопје, од Македонија, без комплекс на помала вредност, свиреа насекаде - од Лисабон до Анкара, и ја продаваа таа македонска автентична приказна насекаде со голем успех. Ние тројца се разијдовме на еден мирен начин, и останавме да функционираме како пријатели...
Се вртиме во круг и чекориме во празно!
Вие сте еден од ретките големи бендови кој престана да функционира, а меѓусебните односи на членовите останаа здрави...
За мене Горан и Зоран се најдобрите музичари кои јас сум ги сретнал. За што и да ми треба, што Горан може да го направи подобро од мене, јас му се јавувам макар и во два часот по полноќ. И, никогаш еден на друг не сме ја наплатувале помошта... Тајната на таа приказна е детски чистиот однос однатре. Не инфантилен, туку искрен, детински наивен... Денес на таа приказна гледам како на стари фотографии, но она што е најважно за мене е што со таа музика и со тој филм покажавме како се прави лична карта на една земја, не на селски туку на светски начин. Македонија до ден денес ја води таа борба на себесознавање и себепронаоѓање, но главно на еден погрешен начин. Како луѓето да не забележаа дека еднаш тоа веќе се случи...
Зарем не бевме поблиски до светот таа 1994/95 година, отколку сега?
Ние сега се вртиме во круг, без да видиме дека чекориме во празно. И оние квалитетните луѓе што живееја тука, како да ги нема повеќе... Лично, во оној миг кога на билборд здогледав реклама со вперен прст во мене, на која пишуваше: Ти си Македонија, немав дилема дека сме тргнати во погрешна насока! Тоа е дебилштина од прва категорија. Кој е тој што си зема за право мене да ми каже: Ти си Македонија? Па јас целиот живот, сета љубов ја дадов за таа Македонија... Кој е тој маж на целиот народ да му кажува што е? Како може да му кажуваш на својот народ, на тој народ од којшто си излезен, да му паметуваш Ти си Македонија!? Тоа е исто како јас да го убедувам татко ми дека ми е татко! Секој од нас е само клетка во тој голем организам, пред кој само треба да се поклониш и да видиш што тој народ има, знае и може. И што можеш ти како поединец да купиш од тоа богатство и ко накит да го ставиш на себе за да светиш. И да не будалиш со умот.

Сметаш ли дека по тој чекор, следеа уште низа кои ја продолжија таа нишка?
Работава е суштински згрешена во старт. Јас немам политичка определба ни кон леви ни кон десни. Кај нас постои еден поглед кој е селски и еден друг, божем светски. А, и двата да ги составиш, не можеш да направиш еден кој навистина вреди...
Деновиве се шетам по плоштадот и ги гледам објектите што се прават. И, супер, нека се прават! Но, тука има само еден проблем. Тоа нема врска со македонските работи, со македонската архитектура, музика, литература, со македонската благост и префинето чувство за убавина... Е, сега, нашето прашање е: зошто е тоа така? Тоа е така бидејќи постои генерација на луѓе која од овие претходниве била потисната, па сега се случува некоја борба меѓу нив, а ние што сме неопределени, гледаме како се чепка во она што е ген на еден народ, и натажени си одиме пеш накај дома... Ма, постојано на овие простори има некои такви умислени револуции и постојано одат да променат свет... На крај сето тоа заличува како во оние Барби цртани филмови... Постојано има некое кревање знамиња, па спуштање... Не не бива за праење од глупости - митови, ама таму се туркаме... Па, имаш Хунзи (се смее), па некоја таканаречена топчеста флејта во која сите гледаат како во чудо... А тоа е само некое глинено свирче за бркање гулаби...
И постојано има уметници кои ќе изучат разни школи, и нема да направат ни една мала скулптура, ниту од нивната гола сосетка која се сонча на тераса. Па, ќе дојдат нивните на власт, на оние на кои тој уметник им е слуга, па добива да прави три лава и пет коња. И сега тој е полуден од фактот што добил работа. А, башка, ќе стави и некое камче в џеб, па му е топло околу срцето... Ко овие пред овие, со тоа Фабриката. И потоа, кога неговите не се горе, плачат пишувајќи колумни, со некои тешки реченици за одземена слобода. А јас се прашувам: Зарем постои добра власт?
Успеваш ли како независен уметник да останеш надвор од приказнава за која ми зборуваш? И, кои се твоите механизми за индиферентност?
Јас се препуштам на обични, секојдневни, фини банални нешта... Тоа е механизмот... Јас не сакам да го трошам животот на спектакуларно големи настани и работи. Веќе кажав - политиката за мене е ништо, па се ова тече надвор од мене. Како што поминува времето, како што влегувам во позрели години, мене ми е важно како го поминувам овој ден денес. Животот е составен од мали коцкички, од мали моменти кои ја прават таа голема слика наречена живот. Се обидувам да уживам во малите работи - да шетам, да го гледам заоѓањето на сонцето, да јадам во Наџак, да гледам луѓе, да гледам филмови, да водам љубов. Јас не можам да работам музика, ако низ мене нема живот!
Постојано сакам да се менувам
Пред две години Каролина Гочева ги сними твоите песни, па настана проектот Македонско девојче. Деновиве се слушаат муабети дека веќе се подготвува продолжение на албумот, кој, според некои бројки, важи за еден од најпродаваните во последно време...
Српскиот писател Милорад Павиќ знае да каже дека изневерените мажи последни дознаваат. Така и јас... Не, тоа нема да се случи... Тоа е глупост... Барем јас тоа не би го работел...
Тука постои феномен, бидејќи албумот за кусо време стана антологиски. Веќе имам и низа прашања... Зошто избра Каролина да ги пее твоите песни, а не некоја друга пејачка? Во Македонија има и подобри и полоши пејачки од неа...
Јас на тоа гледам релативно. Мене ми е важно да имам добра песна, а не кој ќе ја пее. Јас на пејачите гледам како на инструмент. Како што Иван Бејков свири бас, а Благојче Трајковски кларинет, Александар Секуловски тапани, а Душко Божиновски хармоника... Валентино Скендеровски снима и весело се смее... Фин ансамбл. Зачинет со Мандолинскиот оркестар на Татарчев... Сите овие луѓе дадоа своја емоција внатре, своја верност кон мене и мојата лудост. Фала им...
Па, и тебе во Анастасија луѓето те паметат како свириш тамбура...
Тоа се глупави предрасуди за тоа што сум го правел...Во Анастасија секој правеше разни нешта...
Но, на овој албум свиреше и акустична и електрична гитара...
Види, јас не сум дал ни пет посто во музиката од тоа што ми се мотка во глава. Второ - постојано сакам да се менувам. Само така човекот побавно старее. Кога човек ќе наполни 40 години, тој се плаши од промени... Јас се плашам ако не се менувам (се смее).
Имам впечаток дека ти во проектот си бил во една инфериорна позиција. Повеќе се зборувало дека албумот е на Каролина, отколку дека е на Ориѓански...
Мене не ми е важно да ми ја знаат фацата, туку музиката. Каролина пее мои песни, не пеам јас нејзини... Така и пишува на обвивката...Таа, со својот глас, е само еден од инструментите на тој албум... Но, не и поважен од другите. А дали таа или нејзините менаџери сакале да ми ја девалвираат работата? Ех, па тоа е нивен проблем. Јас сум си мирно и убаво...
Македонско девојче е повеќеслоен проект. И за тие што го сакаат твојот сенс, и за фановите на Каролина, и за оние што сакаат нова македонска народна музика...

Ова последново не ми се допаѓа, бидејќи се работи за десет авторски песни кои јас ги напишав. Всушност, само една е традиционална тема, во мој аранжман. Народно е нешто сосема друго. Нормално е песните да се потпираат на мојата, на македонската традиција, оти со тоа растев. Не може да се потпира на блуз, кога јас не ја познавам таа музика. Работејќи го албумот, јас се водев од инстинкт, а не од концепт...
Најпосле, кога по две години ќе се анализираат нештата, дали Македонско девојче ги оправда очекувањата на Златко Ориѓански?
Секако! Албумот е работен темелно, и ништо таму не е измислено. Се е доживеано, проживеано... Со Македонско девојче зад себе ја затворив таа врата што се викаше Анастасија, и влегов во еден нов ходник. Ако јас нешто разбирам од оваа работа, овој албум е најдоброто нешто во мојата досегашна кариера.
Живееме во многу несреќен свет
Но, ти по Анастасија имаше соло-албум Разбуди се, па соработката со Вања Лазарова, реизданијата на Мансарда и Икона...
Таму јас се уште опипував ситуација. Во темница... Најпосле, Македонско девојче е мој интимен проект, мое видување на женско-машкиот однос, од различни возрасти и категории. Сите песни имаат своја точна адреса... Тоа се песни за некои женски ликови, кои оставиле трага во мене. Отпосле, се случува кај луѓе идентификација и плетење разни приказни. Отпосле се појавува некоја несреќна службеничка, која знае дека мажот и не ја сака, па мисли дека јас би ја љубел најубаво на свет, до некоја лекарка, која моето име го среќава во крстозбори, и мисли дека сум швалер таман за неа... И дека песните се ама баш токму за неа напишани... Па, да му се невиди, никој никогаш не и кажал три поетични реченици, никој не и подарил цвеќе... Како да биде среќна? Тоа е за мене шармантно и голем ќеф е кога со некоја песна ќе и го земам и разнежнам срцето... Работејќи го албумот, а особено по неговото излегување, сфатив дека живееме во многу несреќен свет...
Па, ќе има ли тогаш продолжение на Девојче со Каролина Гочева?
Мене ми беше интересна работата со неа. Сакам да работам со жени, затоа што во многу ситуации се подисциплинирани од мажите, а и поинтелигентни, повредни. И, што и да фатам да работам со нив, лесно, со мило оди, фино мириса. Така беше и во времето на Лола В. Штајн, кога многу нешта главно ми свиреа жени... А продолжение на Девојче нема да има. Ќе има нешто друго. Ново и уште поубаво.. А со кого, се уште не знам...?!
Неодамна ми кажа дека песните од Македонско девојче се пеат на свадби и во кафеана...
Па, нема поголем комплимент за мене од тој факт. Последниве месеци многу пријатели ќе ми се јават од кафеана или од свадба, за да ми кажат која моја песна се свири во тој момент. И, нема поголем ќеф за мене од тоа. Јас уметноста не ја сфаќам на оној здодевен, интелектуален начин. И денес, попрво би го гледал оној оркестар на Смолски, отколку Дејвид Силвијан, кој ми е многу здодевен... Види, Балканот е микс на најразлични култури, но луѓето место тоа да го земат како предност, го имаат како мана. Па, кај нас постојано се случува постмодерна. Од една страна имаш звук на камбани, а од друга оџа од џамија... Постмодерна секојдневно се случува во Шутка. Таму твист се комбинира со оро. Ферус Мустафов е постмодерна. За мене, на пример, еден трубач од Србија кој се вика Бобан Марковиќ е 300 пати подобар од Мајлс Дејвис, кој свири два тона и дави ту,ту,ту... Или оној трубач, кој за жал почина, Кочо Агушев од Струмица... Тоа е.... Ма, тоа е повозбудливо и од секс. (се смее)
Прво место на Евровизија!
Како гледаш на фестивали од типот на Евровизија, која деновиве е актуелна?
Трагични се песните кои таму ги испраќаме. Смешни и наивни. А и Евровизија се промени, бидејќи сега доаѓаат мали народи со своја музика, а не со обид да личат вака или онака. При крај сум на трпение, бидејќи гледам неверојатно себепонижување, а важиме за исклучително музикална нација. Еден ден ќе направам песна, ќе појдеме таму и ќе освоиме прво место! Не знам што друго би правел во Македонија... Сум работел музика за реклами, за филмови, за театар, сум снимал албуми...
Како Бреговиќ, на пример...?
Тој е мајстор, а мајстори почитувам. Овие три песни од 2010-та за српскиот Евросонг, се неколку класи подобри од се што од Македонија испраќавме изминативе години.
Отсекогаш сакав да те прашам зошто толку многу книжевноста е присутна во твоите дела? Лола В. Штајн беше според ликот во книгата на Маргарет Дирас. Рани јади и Мансарда се инспирација од Данило Киш...
То се периоди... Имаше периоди кога исчитав се од Андриќ. Па од Данило Киш, па Крлежа... Сега, ништо не читам... Зарем мора постојано да се чита? Сега сакам по малку, само некоја куса поетика... Поезија... Од Буковски... Како дете живеев на периферија на Скопје, за разлика од класата која живееше во центар и бев повеќе гладен отколку сит. Спиев во студени соби, облечен во преправен капут, од два стари капута за возрасни. Шарен и обоен свет можев да добијам само преку литература и музика. Скапи музички системчиња гледав само кога одев на забави кај деца на богати родители. Музика слушав на свадби или на слави. Или на Радио Скопје, каде се пуштаа песни од Бадев, од Манчевски, од еден прекрасен дует Павловски... Денес, и онака музичарите ми се здодевни луѓе кои само прават муабет за тоа кој каква опрема поседува. И, во основа, ми пречи секоја мистификација на уметноста воопшто. Постојано нешто сами себе се третираат како нешто возвишено. А, во што е разликата меѓу добар бурекчија и добар музичар? Меѓу златар и сликар? Никаква разлика нема
Секогаш сум добивал работа за убави нешта
Еднаш ми кажа дека твојата љубов кон традиционалната песна датира од најрани денови...
Уште бев многу мал кога моите ме носеа во демирхисарските краишта, од каде потекнуваат. Дедо ми Ванчо, облечен во костум, ќе ме исчешлаше на патец, ќе ме фатеше за рака и ќе ме однесеше сред село, каде играат. Тоа во мене предизвикуваше вистинска бура од емоции... А јас, и онака повеќе ги почитувам сите народњаци почнувајќи од Оркестарот на Кочо Петровски, ансамблот Смолски, ансамблот Билјана, па се до Завков и сите тие фини јунаци, кои секој ден пукаат негде во некоја кафеана, за да заработат за леб. Тие се точни, и хармониски и мелодиски. Можеш да пиеш вино и да ти биде убаво на срце. Да одам да гледам опера, тоа е ужасно здодевно... Ова друго ми е... Смешно е кога некој Кинез свири рокенрол или Македонка кога сака да е Бијонсе...

Твоите соло-албуми Мансарда и Икона досега доживеаја неколку реизданија. Како музичар соработуваше со три најголеми домашни продукции: Трето уво, Авалон и Литиум рекордс. Недостасува само Скопје џез-фестивал... Како ти успеа со сите да бидеш добар, во времето на поделби, табори, кланови...
Правилата на играта се поставуваат на почеток, не на крај. Но, нема тука премногу емоции... Тие секогаш гледаат како да ми платат помалку, а јас како тоа да го направам подобро и да им го наплатам приближно онолку колку што во тој период потрошив труд и време. Претходната работа и искуство тука не се пресметуваат... Ете, кој знае дека музика за рекламата Купувајте македонски производи, која трае 60 секунди, јас ја работев два месеца и имав 50 различни верзии? Или, за спотот на Игор Иванов - Изи за Македонија вечна, за кој работев две паралелни теми, за да еден ден пред снимањето ми донесат спот подолг за десет секунди од музиката!? И, проблемот беше надминат за една вечер... Со мака и работа, се разбира. Најпосле, случајно или судбински, секогаш сум добивал работа за убави нешта. За убави и важни за Македонија.. Со убави луѓе... Сеедно дали се работи за музика за Пред дождот, за успешна реклама или за Македонско девојче... Инаку, сe повеќе сакам да работам по нарачка. Ко да шиеш костум... Ако те бидува, ако го правиш со душа, ќе биде лицнато и ќе стои... Ако не те бидува, и милион долари да ти дадат, ништо нема да направиш... Музика пишувам лесно, со ќеф... Кога е нарачка, тогаш морам, инаку сум мрзлив како слон. (се смее) Сакам да спијам, да легнам во пет наутро, да пијам кафе и да гледам низ прозорец...
На што работиш во моментов?
Имам нови песни. Една се вика Добро утро, госпоѓо. Текстот оди вака: Добро утро, госпоѓо, да Бог да, сe најдобро, Дали ноќва мирно спиевте? Или на мене мислевте?. Работам нови песни кои се некако весели, еротични... Кои се малку како истуткан чаршаф. (се смее)
Постои можност наскоро да работиш музика за театарска претстава на култниот словенечки режисер Томаж Пандур. Кога почнувате?
Сега засега само преговараме и договараме... Тој доби дел од музиката која ја работев последниов период, и кажа дека му се допаѓа. Ја почитувам неговата работа и неговиот интерес за мојата музика. Ќе видиме... Досега работев 40-ина претстави за театар, а театарот последниве години е бескрајно здодевен... Ретко има убави претстави, големи филмови...
Многу ретко се појавуваш во јавноста. Која е причината за твојата медиумска изолираност?
Прво, мислам дека повеќето не ја разбираат таа работа што ја работам. Освен двајца-тројца, кои се О.К. и кои следат и светска и домашна музика. Другите, постојано она што ќе го направам го капираат десет години подоцна. Тоа ме следи од почетоците. Но, важно ми е што народот ме разбира сосема добро. Сепак, можеби проблемот е до мене. Еве, сега правиме интервју, и зарем за два часа јас повторно треба да одам некаде и да го повторувам истото?
Но, што е она што најмногу те крева во работата?
Само мали нешта, индивидуални приказни и судбини. Љубовни јадови на еден автомеханичар, на пример. Светот е уморен за нова Октомвриска револуција. Мене ме интересира таа некоја индивидуална болка. Дури и нема религија која би можела луѓето да ги држи врзани во стадо... Не верувам во поп со три метри брада, кој вози џип од 100.000 евра...Тој е подуховен од мене? Па добро, нека е... Некој мора да биде и битанга која сака секс, добро вино, и која постојано ќе оди контра и низводно... Така се прави рамнотежа... Затоа не и припаѓам на ниту една страна, бидејќи имам своја страна!
Колку власта денес вистински знае да ги цени уметниците?
Јас не сум бил слуга на ниту една власт, па ниту на оваа! Гајле ми е за сите нив заедно. Но, ако си власт, треба да го знаеш менталитетот на својот народ. А, народот секогаш памети и добри и лоши работи. Најпосле, еве зошто не ни треба тој Александар на плоштад - затоа што тој е човек кој бодел копје во нечие срце... Или Самоил, кој 14.000 луѓе оставил без очи. Тоа се 14.000 индивидуални болки, а каде се нивните семејства, нивните деца...? Кој ѓавол има овој мирен народ со сите тие е.... воини?!? Има едно спомениче во центар, кое никогаш никој не го спомнал. Се работи за фрагмент од Тешкото. Ете, тоа јас би го ставил на плоштад. Па, Македонците никогаш не биле познати по војни, никогаш не задавале болка на други нации и народи. Напротив, ние примавме други нации и народи, и живеевме со нив. Е, сега, јас го гледам тој Аце на плоштад како држи копје, подготвен да го испука во нечие срце. А, јас се занимавам со срцето, а не со копје. Зошто постојано политичари и војсководци треба да се на споменици? Зошто тоа не би биле Леб и сол, Петре М. Андреевски, Анастасија, Вања, Бадев, Манчевски...? Чудесно е како секогаш оние што ја возеле таа најточна најмакедонска линија, оние што биле сакани од народот, не биле љубени од политиката, власта и интелектуалните тупаџии...Мислам дека тоа е само нивна немоќ да се соочат со нешто што не можат тие да го направат... Да се поклониме, да зборуваме за песна, љубов и убавина, а не за луѓето кои некому ќе му нанесат болка!
Иван Беќковиќ фото: Игор Тодоровски Теа модерна
Датум:
20.05.2010.
|