ммм - македонска музичка мрежа

Каролина: Најубави песни

Каролина: Најубави песни

Одамна е познато - Правилата кои важат во музиката ширум планетава, на овие простори речиси немаат никакво значење. Со дискографијата е уште полошо, бидејќи дискографскиот пазар во Македонија одамна не постои. Тоа што одвреме-навреме ќе излезе некое CD, само е краток одблесок, flash-момент/ остаток од една сцена на која пред само неколку години и предвидуваме светла иднина. Е, колку ли згрешивме. Но, секогаш постојат исклучоци...

Без претерување - новиот албум на Каролина Гочева: Најубави песни, е нешто најдобро што го имам слушнато/ видено во последно време. Не станува збор за само една во низа компилации од калибарот the best of, ultimate collection, најголеми хитови..., со кои, ширум светот, издавачките куќи главно се обидуваат да исцедат уште малку од сувата дреновина. Овој пат Каролина според сопственото убедување, кое повеќе му наликува на концептот B-sides, понуди личен пресек на сопствената кариера, која трае повеќе од две децении, со напомена дека изборот го опфаќа дискографскиот период од десет години – од 2000-та до 2010-та, во кој Каролина објави шест албуми: Јас имам песна (2000), Зошто сонот има крај (2001), Знаеш колку вредам (2003), Во заборав (2005), Македонско девојче (2008) и Капка под небото (2010).

Компилацијата Најубави песни содржи 16 теми (12 редовни + 4 бонус), со вкупно времетраење  од нешто повеќе од еден час. Две од нив – Lady Godiva и Остани за прв пат се наоѓаат на некој албум на Каролина. Првата, инаку авторско дело на неповторливиот Арсен Дедиќ, а во аранжман на Никша Братош, своето премиерно претставување го имаше во 2009-та година, на антологискиот бокс-сет на Арсен – Добротворов дом, каде самиот тој направи импресивен пресек на својата повеќедецениска кариера. Остани, пак, која на албумот е ставена во live верзија, забележана неодамна на концерт во чест на легендарниот хрватски композитор Зденко Руњиќ, е песна со која Горан Каран во 2000-та настапи на Евровизија. Храбар  и смел е потегот на Каролина, меѓу своите најубави песни да вброи и нешто што не е нејзиниот trade mark, туку песна која е белег на една друга кариера. Драматичната изведба на Каран не може да ја заборави секој кој ја слушнал Kad zaspu andjeli (Остани), но факт е дека и Каролина одлично се носи со песната...

Е сега, зошто компилацијата Најубави песни е одличен албум, и многу повеќе од обичен time-out на Каролина? Бидејќи е непретенциозен, претставува одличен избор на теми кои медиумски беа неправедно запоставени, бидејќи тоа се песни во кои Каролина најмногу се пронајде себеси, а не збирштина на се и сешто. И најпосле, бидејќи на секој пејач во регионот му импонира кога зад песните што ги пее, стои потписот на некој како Влатко Стефановски, Калиопи, Арсен Дедиќ, Зденко Руњиќ, Кристина Ковач, Марија Шерифовиќ...

Од воведната Тој, за прв пат снимена во 2001-та година, а сега во нов аранжман на Бертан Аслани, па до последната во официјалниот дел на албумот – Сама, Каролина го следи концептот каде доминираат љубовни песни со тажен крај (Први март, Знаеш колку вредам, Љубовта е моја религија...), што секако не е правило (Штом сакаш, ...И ќе биде све во ред). Кога на крај се ќе се собере и ќе се одземе, мислам дека имаме албум кој во истовреме претставува и своевиден емотивен дневник на една зрела жена. Испишан со најубавиот ракопис - гласот на Каролина...

Во бонус делот на албумот се и две песни на Влатко Стефановски: Кад ми небо буде дом и Као мало воде. Првата, оригинално напишана за Џибони, со негов текст, а која се најде на неговиот бестселер Миракул (2001), веројатно претставува еден од најсериозните текстови кои Каролина до сега ги има отпеано, иако останува впечаток дека таа е премногу млада уште од сега да пее такви песни...

И уште само збор-два за некои ситни забелешки кои ги носи ова издание. Овој избор на песни е субјективен, а одтаму и подложен на критика. Преслушувајќи го, секогаш ќе се најде некој што ќе каже дека меѓу понуденото го нема токму неговиот фаворит. На потписникот на овие редови, на пример, му пречи што меѓу избраните нема ниту една песна од албумот Македонско девојче, иако однапред го знам одговорот дека стилски, тие песни не му припаѓаат на ваквиот концепт. Или, зошто Каролина не ја ставила и српската верзија на Некогаш и негде, на Владо Јаневски, која толку добро би се вклопила во ваквиот концепт?!

***

И овој албум на Каролина Гочева го објави Авалон продукција, и ова е нивното 39-то издание. Барем половина од објавените албуми оставија длабока трага во домашната музичка дискографска историја. Визуелно, ова е едно од најубавите домашни албуми на сите времиња. Да не ја знам девојката, ефектно фатена во моментов, ќе помислев дека се работи за албум на Бијонсе или Џенифер Лопез. Пет ѕвездички за фотографот Дарко Мораитов и Кома лаб, кои ја дизајнираа обвивката. За самата Каролина, која повеќе од 20 години е присутна на музичката сцена, а последниве 12 интензивно снима песни и објавува албуми, пркосејќи им на правилата кои важат на домашната сцена - најмалку десетка.