7. октомври 2008.
Баклава го промовира CD-то Калемар
Еден од најдобрите домашни етно-состави - Баклава, овој четврток (9. октомври 2008-ма), ќе го промовира својот нов албум – Калемар. Промоцијата ќе се одржи во кафулето Сопотско, со почеток во 13 часот.
Албумот е во издание на Скопски џез фестивал, и е втор (овојпат студиски), албум на Баклава. Содржи 14 песни, со вкупно времетраење од 1 час, од кои поголем дел се авторски, потпишани од членовите на бендот. Звукот и стилот се задржаа во создавањето на новите песни, како и начинот на изведба од сите четири страни на баклавата: Елена Христова - вокал, Никола Николов - тамбура, Владимир Мартиновски - бас тамбура и Дејан Сибиновски - деф. Снимено и миксано во студиото Кларион, кај продуцентот Дејан Ангелевски.
Внимававме на нашиот веќе препознатлив стил, така што имавме и многу малку интервенција во ова акустично дело, а за тоа придонесоа гостите Ерхан Шукри, виолина и Дејан Теодосиевски, виолин-чело. На бонус траката Ој девојче - снимена во далечната 2004, во студиото Профундус, учествуваа и Александар Стаматов, тамбура и гудачки квартет Квартет – велат од Баклава.
Фотографиите се изработени од Сашо Целески и Маја Аргакијева, додека дизајнот го изработи Ване Костуранов од студиото Работилница.
Името на албумот беше инспирирано од истоимената песна на поетот Ило Гајтаноски, но всушност го претставува во еден здив звукот на овој албум, на кој самиот звук на нашите песни го калемевме од сето тоа што го создававаме или репродуциравме од македонската традиционална музика. Сепак целта не беше да се создава нова народна музика, туку едноставно да твориме како секој бенд од каков и да е жанр – открива Дејан Сибиновски, првиот меѓу еднаквите, и дополнува:
По промоцијата планираме промотивен концерт во Скопје до крајот на годината, а се надеваме и турнеја по Македонија. Секако во предвид треба да се има и снимање на видео-спот, за некоја од нумерите на новиот албум...
|