ммм - македонска музичка мрежа

Мите Димовски - Современ звук на преубавата македонска хармонија

Мите Димовски - Современ звук низ кој е вткаена преубавата македонска хармонија

Цилиндер, Архангел, Митан Проект, Темпера, музички групи во кои тој е тапанар. Во неговото музичко студио Тралала снимени се многу антологиски снимки, а оние кои барем малку ја следат добрата, квалитетна македонска музика погодуваат за кого станува збор. Мите Димовски, човекот кој е потпишан како продуцент на многу музички изданија.

Пропуштив ли нешто да кажам?

Во најавата кажавте се за мене, се она што треба да ме претстави како музичар.

Повод за нашиот разговор е големиот концерт кој ќе се одржи на 30 ноември во Универзалната сала, концерт кој, како што велите, им го должите на скопјани. На овој концерт ќе биде сублимирано се она што досега го има сработено Митан Проект. Што да очекуваме?

Можете да очекувате една убава вечер со музика за уживање. Митан е проект кој трае веќе пет години, има три изданија зад себе, но нема голем концерт во Скопје. Повеќепати настапувавме низ државава, го отворивме Битолско културно лето со концерт во Хераклеа во Битола, имавме голем коцерт во Античкиот театар во рамките на Охридско лето, а сега дојде време да одржиме голем концерт и во Скопје со голема поддршка од Влатко Стефановски и црковниот хор Св. Злата Мегленска. Интересен спој, сите ние имаме истражувања и преработки на македонската традиционална музика и затоа сметам дека ќе приредиме убава ноќ за уживање.

Кој стои зад Митан Проект?

Иницијативата започна од мене, но ниту еден проект не се работи соло. Заслуга имаат сите оние кои се вклучени во проектот. Фронтмен и вокал на Митан е нашата позната пеачка Андријана Јаневска, тука се и Дами Имери, Владимир Крстев, Гоце Димевски, Александар Јовевски и уште неколку музичари кои гостуваат се со цел да се долови автентичниот звук на македонската песна . Петар Димовски, Петар Ренџов, Влатко Стефановски.

Познат сте под псевдонимот Мите Архангел, долги години бевте тапанар на овој рок бенд

Да, Мите Архангел или Мите Тралала, зависи во кој период од животот. Некои ме препознаваат по бендот, други пак по продукциите во моето студио Тралала. Јас во својата музичка кариера која трае скоро 30 години, 15 години ги минав со Архангел како тапанар и продуцент на групата, а сега работам нешто ново.

mite-dimovski

Со последниот концерт на Архангел во 2005 година групата се растури. Секој од вас си тргна по сопствениот пат. Вие тргнавте по патот на осовременување на традиционалната народна музика. Од каде тој порив од рок музичар да се насочите кон нешто што во светот се препознава под етикетата музика на светот?

 Јас сум пред се музичар. Како инструменталист јас сум тапанар и скоро целиот музички животен век го минав во рокенролот, но како продуцент потпишан сум на многу изданија кои ја третираат народната музика или world music, џезот... Зад себе имам голем број проекти и таа музика не ми е туѓа. Беше голем предизвик да се истражува македонската народна музика која што Митан ја зема за основа. За првпат автентично ја раскажавме во духот на Митан или како што љубам да кажам: кирилица музика на латиница јазик. Митан е електро акустичен проект, ги користиме современите инструменти, во спој со народните инструменти: кавал, зурла. Сакавме да постигнеме звук кој нема да им биде туѓ на луѓето од денешницата ниту пак на оние кои се наоѓаат надвор од Македонија. Сакавме да им понудиме современ звук во кој ќе биде вткаена преубавата хармонија што ја носи македнската песна.

Ја спомнавте преубавата македонска песна. Вие сте продуцент на Антологијата на македонската чалгија.

Да, тоа е издание кое содржи шест цедеа, а преку снимените 120 песни направивме една ретроспектива на сите оние народни песни кои беа изведени од македонските чалгаџии. Јас сум исто така продуцент на последните три изданија на покојниот Тале Огненовски, врвен уметник. Сум работел и со Васка Илиева, Есма Реџепова и други многу познати и врвни уметници. Горд сум што преку моето студио сум придонел, поточно сум дал дел од себеси во оставањето на антологиски снимки на македонската песна, да останат запаметени за многу години.

Автор, музичар, продуцент, менаџер, тон мајстор, со еден збор човек кој сам си ја брка работата. Немате доверба да ги споделите обврските или кај нас се уште некои професии не се испилени?

Во прашањето го имате делумно и одговорот, но јас тргнувам од онаа позната македонска народна: на волкот му е дебел вратот кога сам си ја брка работата. Тоа е пресудното, а не фактот дека уживам во сето тоа, голема е пресијата кога ги покривате сите сегменти. Олеснување ми е кога за некој проект ќе добијам помош од некоја продуцентска куќа. Најчесто сам ги покривам работите, не ми е непозната таа работа, од продукција до организација на концерт, но никогаш не работам за други, работам само за себе.

Македонската музика е во криза- констатација која во последно време се почесто се пласира, а со која јас не се сложувам, затоа што сметам дека музиката не може да биде во криза. Од друга страна имаме одлични примери на македонски бендови кои годишно имаат многу повеќе концерти надвор од државава отколку во Македонија. И сега се прашувам: кој или што е во криза? Медиумите кои не отстапуваат доволно простор за нив или сум јас јанлаш, македонската музика навистина е во криза?

Се согласувам, констатацијата дека музиката е во криза не држи. Има периоди со разни осцилации, нагоре- надолу. Ако погледнеме што се денес има на македонската музичка сцена, ќе сфатиме дека таа е фантастична. Летово свиревме еден концерт во рамките на Еко фестивалот Аларм во Дојран кој траеше два дена. Јас бев воодушевен од бендовите. Тоа беше фестивал на современа музика, модерни, рокенрол бендови. Констатирав дека сите бендови кои настапија на овој фестивал беа толку добри што слободно можеме да ги ставите на која било светска сцена, покрај сите светски ѕвезди, нема да се посрамиме. Музиката не ни е во криза, во криза ни е презентирањето на македонската музика. За да стаса музиката до слушателите мора да мине низ повеќе сегменти. Прво се авторите, па продуцентите кои се задолжени да ја снимат, да ја спакуваат, па да излезе на пазар, и тука се медиумите кои треба тоа да го поткрепат. Медиумите гледаат што им е најконкурентно за програмата, дали е тоа лесно слушлива музика? Немаме многу специјализирани музички емисии. Според мене има два вида на музика: забавна и досадна, музика што ја слушаат и онаа која не ја слушаат. Подобро да слушаш добра панк песна отколку лоша симфонија, тоа е мојот став. Треба само мала поддршка од медиумите да го презентираат она што бендовите го работат. Имаме одлични примери од најактивните бендови во Македонија кои потекнуват од андреграундот, рокенрол сцената, да ги споменеме само Бернис Пропаганда, Беј д фиш, Фолтин, тоа се бендови кои имаат повеќе концерти надвор отколку во државава, тие свират македонски рокенрол, пеат на македонски, а не можете да ги сретнете на радиопрограмите. Од друга страна, имаме едни исти пејачи и пеачки кои се на насловните страници, кои во својата десет, дваесет години кариера немаат моќ да направат еден концерт, секако, секоја чест на исклучоците. Тука лежи главниот проблем. Музика во Македонија имало, има и ќе има.

mitan

Би сакала повторно да се вратиме на Митан Проект, она што Митан го прави, осовременување на македонската народна песна. Дали сте задоволни од сработеното со Македонски рози и Приказна за едно моме?

Приказната со Митан тргна многу спонтано. Добив понуда од Мет фокус продукција да изработам цеде кое ќе биде со chillout музика, опуштена и лежерна. Е, тука како инспирација ја земав македонската песна, и затоа кажав автентично ја изработивме за првпат во таков дух. Неочекуван беше успехот, Македонски рози се закити со наградата Албум на годината, се продаваше на цела територија на поранешна Југославија, ја извезовме македонската песна насекаде. После тој успех одговорноста беше поголема. Кога ќе се погоди првиот албум од вториот се очекува уште повеќе. Мислам дека и вториот албум, Приказна за едно моме, добро го сработивме. Снимивме дванаесет композиции. Големиот успех на првиот албум ми тежеше, но сметам дека успешно го завршивме и вториот албум. Продадени се сите изданија од двата албуми. Промоцијата која се одржа во рамките на Охридско лето во Античкиот театар беше концерт за паметење, насловен Митан на полноќ. Концертот го снимивме дигитално и тој стоеше во фиока четири години. Потоа, следеше продукцијата во студио. Иако е снимен во живо звукот на третиот албум е на ниво на првите два со таа разлика што овој албум во себе носи една друга магија, а тоа е магијата на изведбата во живо. Насловен е Патување на полноќ. На овој албум содржани се песните од првите два албуми кои ги изведовме на концертот во Охрид.

Симболиката на тоа Патување на полноќ е прикажана и на насловната страница на албумот. На обвивката е претставен еден ковчег кој е подготвен за едно ново, убаво патешествие...

Е тој ковчег пред речиси сто години го има пропатувано целиот свет. Преку Австралија, Америка па назад во Македонија. Тој ковчег е на човекот со име Митан по кого е крстен овој бенд, а јас сум исто така крстен по него. Митан е мојот дедо кој ми го остави ковчегот како семејно наследство. Тој ковчег содржи се она што Митан го презентира како музика, традиција и патување. Носи големи тајни во него. Мислев дека е убава симболиката, сите тие тајни у убавини што ги носи македонската песна препеани од нас да го пропопатуваат светот како ковчегот на дедо ми пред сто години.

Не можам а да не ве прашам за Архангел, најавен е концерт со Македонската филхармонија. Дали и Вие сте дел од тој концепт?

Не сум, а ни останатите членови кои што заедно го работевме Архангел во годините кога активно снимавме албуми. Основната постава, јас Мите Димовски, Драган Гиновски- Гино, Петар Јанков, Ѓоле Максимовски, Мишко Парушев, Ристо Вртев, ние сме луѓето коишто ги сними сите пет изданија на Архангел, од почеток до крајот. Но, 2005 година направивме концерт со кој се разделивме. Значи, оваа постава која што ги работеше песните, аранжираше, снимаше и свиреше и ги донесе на свет реши да се раздели. Сите ние сме музичари, секој од нас продолжи да работи. Овој концерт кој што го најавува Вртев е концерт на кој ќе бидат песните од Архангел со некои други музичари, не ми е познато со кои. Значи освен Вртев никој од нас нема да биде присутен, што не значи дека нема да биде добро. Им посакувам успех и да излезе работата како што треба. Дали треба да биде под фирмата Архангел јас не треба да судам. Јас посакувам успех, добар концерт, во името на она што сме го работеле порано.

mite-dimovski-3

Што е она што е ново од кујната на студиото Тралала? Секогаш таму нешто интересно се приготвува.

Тукушто го завршивме новиот албум на Влатко Стефановски, албум на кој тој работеше во последните три до четири години. Тоа е негов личен, авторски албум, со песни во негов стил. Соработувам со Кирил Џајковски, продуцент сум и на последниот албум на Фолтин, како и на претходните четири. Но, она што ми е најбитно, надвор од проектот Митан, е да се вратиме на рокенролот. Нов бенд- нов бренд, а тоа е Темпера, нов проект. Во поставата сме јас, Гиновски Драган- Гино на гитара, Џоле Максимовски на бас и Тања Тас, вокал. Значи, таа постава која што долги години работеше во Архангел, ние тројца, повторно сме заедно со Тања Тас. Направивме еден урбан бенд, со урбани текстови, убави мелодии, голема енергија .

Кога можеме да чуеме нешто од Темпера? Имавте прва промоција на Еко фестивалот Аларм, летово во Дојран. Задоволни ли сте од реакцијата?

Фантастично! Луѓе на наши години после толку долго време кога ќе стартуваат нов проект значи имаат мотив, желба и инспирација тоа да го работат. Многу не радува и активни сме во работата. Работиме секој ден на тоа. Албумот е снимен во живо, онака „ортодоксно“ како што се работи рокенрол, без голема поддршка на студио. Сакавме да ја пренесеме енергијата. Деновиве еден сингл ќе биде пуштен во етерот, а до крајот на годината и албумот ќе излезе. Сигурен сум дека нема да ги разочараме луѓето кои што ја слушаат таа музика.

И за крај, што би им порачале на слушателите на Радио Илинден?

Да се живи и здрави, да се пазат, да слушаат македонска музика. Да не посетат кога се во можност и да не викнат нас да им ја презентираме музиката која што ја работиме тука, затоа што слушањето на цеде е едно а настапот во живо сосем нешто друго.

Превземено од Радио Илинден, Мелбурн