ммм - македонска музичка мрежа

Позитивен концерт за 18 години Суперхикс

Позитивен концерт за 18 години Суперхикс

Нашата најактивна банда инструментале Суперхикс, на 1-ви декември 2012 ќе го прослави своето полнолетство со голем Позитивен концерт во рамките на годинашното издание на Tаксират фестивал. Позитивниот концерт е финално одбележување на славеничката година за Суперхикс, во која бендот го прославува своето полнолетство, 18те години од формирањето на групата.
 
Шестчлената банда формирана во далечната 1994 година низ 18те години постоење на македонската сцена, објави едно ЕП "Music for Happiness and Sadness", три студиски албуми "Чекај бе викам...каде бе малку“, „Трумано“ и „И сега, што?“, два албуми во живо „Саботна фиеста, неделна сиеста“ и „Live in Skopje", кој за седум дена беше распродаден во 35.000 примероци. Сите изданија на Суперхикс достигнаа вкупна продажба од близу 200 000 копии.
 
Покрај тоа Суперхикс се појавуваат и на интернационални и домашни компилациски изданија.
 
На 1ви декември, Суперхикс после 8 години се враќаат на истата „антологиска“ локација, скопската „Метрополис Арена“, каде ќе го прослават своето креативно полнолетство, а за своите фанови на овој концерт подготвуваат незаборавна позитивна фешта.
 
Како што бендот веќе најави, Хикси интензивно работат и на подготовките за нивниот нов (четврти) студиски албум. Одлично наговестување за ска-панк експлозијата што не очекува на новото студиско издание се хит-сингловите „На лута рана“, „Африка“ и последниот „Ти треба некој“ кој беше промовиран годинава и со видео спот, на регионалниот „MTV“ музички канал. Објавувањето на албумот е најавено за годинава, а промоцијата во живо овој албум ќе ја има токму на 1ви декември, во Метрополис Арена.
 
Во меѓувреме, бидете позитивни, очекувајте дополнителни информации и подгответе се за нови изненадувања поврзани со големиот славенички СУПЕРХИКС концерт!