ммм - македонска музичка мрежа

Новиот почеток на турнеја низ Европа...

Новиот почеток на турнеја низ Европа...

 

Оваа година скопскиот панк рок состав Новиот Почеток на вистински начин ја прославува својата десетгодишнина од постоењето. Во јануари со второто видео Таму живеам го најавија новиот албум Melancholic Machine (Sixtynine Records), во април ја делеа сцената со A Wilhelm Scream во Скопје, во мај го изораа балканот на турнејата низ бившите југословенски простори, во летниот период се појавија на неколку регионални фестивали, есенва го пуштија и видеото за Надреални приказни, а од 8 до 23 ноември ќе ја реализираат својата прва европска турнеја која што ќе опфати 15ина концерти во Бугарија, Романија, Србија, Чешка, Германија, Словенија и Хрватска.

Европската турнеја е дел од промоција во живо на последниот албум Melancholic Machine кој доби одлични критики во и надвор од државата.

Овие Македонци на албумот не допуштаат ниту момент за земање здив вели хрватската Terapija.net; бугарскиот портал Multivault додели оцена од 4 и пол од вкупно 5 ѕвезди, додека пак словенечкиот портал 13brat ја имаше храброста да напише: Еден од најдобрите панк албуми во последните години од регионов.

Претстојната европска турнеја на која се планирани да се поминат над 5000 километри е само најава на она што ќе се случи на 15.12.2012 во Младинскиот културен центар во Скопје – голема прослава на 10 годишнината од постоењето на Новиот Почеток. Точната листа на сите места и датуми можете да ја проверите на сајтот на букинг агенцијата Андале – која во соработка со All Together Distro е организатор на оваа турнеја.