ммм - македонска музичка мрежа

Nouvelle Vague го воодушеви Скопје

Nouvelle Vague го воодушеви Скопје

Со сѐ уште свежи импресии од одличната атмосфера на „ПИН“ викендот, Таксират вчера продолжи и на првата концертна off-Таксират вечер, на која задолжени за еуфоријата беа членовите на францускиот боса нова состав „Нувел Ваг“ (Nouvelle Vague).

Точно една година по стартот на минатогодишниот Таксират, кога преполниот „Колосеум“ одекнуваше во звукот на „Дубиоза Колектив“, годинава се најдовме на истата локација пред подеднакво позитивна вечер, но со поинаков шарм. Вчера во преполниот клуб „Колосеум“, францускиот арт-феномен „Нувел Ваг“ покажа дека има бројна и прекрасна публика во Македонија,  но и дека е состав кој е подготвен на своите фанови да им приреди секој пат поинакво, уникатно искуство. Прекрасните, насмеани и позитивни лица на повеќе од 1500 фанови на „Нувел Ваг“, на самиот почеток на концертот наговестија дека пред нас е уште една  вечер кога ќе биде забавно, весело и бурно на секоја песна. А со својот настап „Нувел Ваг“ вчера успеа да ја разигра публиката, да ги распее до последен сите присутни и да ги задржи нивните погледи со воодушевување втренчени кон сцената, не пропуштајќи ни дел од „Dawn of innocence кабаре-перформансот.

„Нувел Ваг“ предводени од Марк Колин во поддршка на сензуалните вокали на двете атрактивни пејачки Мелани Пен и Лисет Але, со својот нов и препознатлив стил и изведба ја потсетија публиката зошто не може да одолее на нивниот сензуален шарм. Овој пат „Нувел Ваг“ на Таксират дојдоа со целосно нов музичо-сценски перформанс „Dawn Of Innocence” кој го осмисли познатиот француски костимограф Жан Шарл де Кастелбажак, но и препознатливата француска енергија и емоција кој буквално никого не остава рамнодушен. Екслкузивноста на нивниот сценски настап беше засилена и со една од најпознатите танчерки на кабарето „Крејзи Хорс“ во Париз, Зула Зазоу која заедно со „Нувел Ваг“ одржа двочасовен сценско-музички перформанс.
 
Уште на самиот почеток на концертот јасно ви е зошто го сакате овој бенд: совршени од аспект на музичката изведба, одличните сугестивни вокали, енергијата која ја пренесуваат со самото појавување на сцена, „њу вејв“ емотивната нишка, сензуалниот сценски настап...
 
Групата повеќе пати се врати на бис, а публиката повеќе пати го воодушеви бендот со одличниот прием, овациите и особено моментите кога сите присутни едногласно ги отпеаја хитови како „Love Will Tear Us Apar“ (Joy Division), „In a Manner Of Speaking“ (Tuxedomoon) и други.

Следната средба Таксиратџии ја имаат на 1ви декември во „Метрополис Арена“ и тоа на големиот и славенички концерт на Суперхикс. Нашата најактивна банда инструментале ќе го прослави своето полнолетство со голем Позитивен концерт во рамките на годинашното издание на TАКСИРАТ фестивал. Концертот е финално одбележување на славеничката година за Суперхикс, во која бендот го прославува своето полнолетство, 18те години од формирањето на групата. На 1ви декември, Суперхикс после 8 години се враќаат на „антологиската“ локација, скопската „Метрополис Арена“, каде за своите фанови подготвуваат незаборавна позитивна фешта. Задолжени за „pre-party“ таа вечер ќе бидат сурф-панк триото Molokai и алтернативниот рок состав, Charlie Hitt. По настапот на Суперхикс на кој дополнително ќе им се придружат и голем број пријатели и колеги музичари, позитивната забава ќе продолжи до утринските часови и со диџеј Славе.
 
Ве потсетуваме дека влезниците за концертот на Суперхикс се веќе пуштени во претпродажба со популарна цена од 200 денари, сѐ до денот на концертот кога истите ќе чинат 300 денари.
Претпродажбата се спроведува во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс низ Македонија.