ммм - македонска музичка мрежа

Универзална сала - 10 проекти за 2013-та!

Универзална сала - 10 проекти за 2013-та!

Единствената специјализирана концертна сала во земјава, Центарот за организирање приредби “Универзална сала” – Скопје (како што гласи нејзиното полно име) покрај изнајмувањето на својот простор за разни културно-уметнички настани, концерти, фестивали, манифестации..., во исчекување на нејзината реконструкција и годинава понуди широка лепеза на програмски активности, во кои и самата се јавува како продуцент и организатор на дузина проекти, финансиски поддржани  од нејзиниот оснивач, Градот Скопје.

Уличните музичари и артисти за кои веќе е распишан конкурсот, е проект кој Универзална сала го организира трета година по ред во периодот од месец март до месец ноември, кој со досегашните приближно 14.000 настапи на голем број број улични  уметници ја остварува својата основната цел - анимирање на жителите на Скопје, посетителите од другите градови во земјава и бројните туристи од странство и претставува вистинско освежување во културната понудата на метрополата. И оваа година бројот на ангажираните уметници се планира да  биде помеѓу 25 и 30 учеесници  кои со своите разновидни перформанси под отворено небо ќе го анимираат главниот град.
   
Македонскиот радиски фестивал МАРС 2013, избор за радиски хит на годината кој се одржува во последната седмица на месец ноември,   влегува  во својата шеста година и прераснува во еден од најреномираните  фестивали на забавна музика на Балканот, на кој се присутни сите македонски изведувачи и автори  кои со своите хитови ја одбележале тековната година. Покрај нив тука се и реномираните гости од странство, познати поп-рок ѕвезди, кои со своето присуство ја увеличуваат ова реномирана музичка смотра.

Скопската летна сцена е проект кој  се одржува на сцената поставена на платото пред Универзална сала во летниот период, кој наиде на општо одобрување од посетителите како и од самите уметници кои со своите настапи ја збогатија културната понуда на  градот.

Во неговите рамки во почетокот на месец септември се одржува и Акустик сквер фестивалот на кој можност да се претстават со свои авторски песни во акустична (анплагд) изведба добиваат млади кантавтори, изведувачи и групи од цела Македонија.

Лица без маски е фестивал на драмски театри од земјата и од странство кој ЈУ ЦОП Универзална сала го реализира  во средината на месец април заедно со Театарот  007 и за кој и годинава се очекува  да има одличен прием и посетеност од публиката.

Ние сме најдобри е проект чија основна  замисла  е ангажирање и анимирање на  средношколската младина на територија на градот Скопје  која во себе носи огромен  уметнички потенцијал, но недоволно искажан поради многу објективни причини, а кои на овој начин  ќе излезе на виделина. Минатата 2012 се одржа првата ваква манифестација и наиде на огромен одек кај средношколската младина и нивните професори.

Информативни средношколски центри е проект со кој се настојува да се доближат голем број на информации  од градските јавни установи до средношколската популација,   која е целна група за многу проекти кои се одвиваат во рамките на овие установи, но поради слабата информираност тие настани поминуваат без нивото присуство.
Скопје Креатива 2013  е проект за развој и поттик на креативно размислување и примена на нови креативни индустрии за поттикнување на економскиот развој на општеството во различни општествени и културни сегменти.

Одбележување на 50 години од земјотресот во Скопје е всушност можност за креирање на широка платформа за одбележување на 50 години од Скопската катастрофа, за чија цел се повикуваат сите заинтересирани правни субјекти и физички лица во Република Македонија да поднесат предлог проекти со кои би се вклучиле во реализација на овој меморијален  проект и би придонеле за подобрување на квалитетот на програмата.проект
 Постапката  за  организирање на овие  два проекти веќе започна со огласување, а потоа и избор на најдобрите понудувачи  кои со своите  орагнизациони, кадровски и професионални квалитети треба да придонесат за успешна реализација на наведените проекти.

Божиќниот концерт  на сериозна музика, финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија  како и секоја година се одржува  на 08-ми јануари  во прекрасна атмосфера, пред преполна сала и со истакнати уметници од земјата и  странство придружувани од камерниот оркестар Скопски солисти. Општа оценка од досегашните концерти дека новата година во Универзална сала не може да почне со поубав и подобро организиран настан од овој преубав концерт.

Со овие проекти Центарот за организирање приредби Универзална сала - Скопје во последниве неколку години прерснува во сериозен проодуцент и организатор на една цела палета  културно-уметнички настани кои го придвижуваат и вреднуваат  креативниот потенцијал на бројни професионални уметници од разни области, но и потенцијалот и можноста за негово искажување на мноштво аматери, таленти како и млади и перспективни уметници кои денес, ги прават првите чекори, а можеби веќе утре некои од нив ќе бидат перјаници на македонската култура и уметност и  нејзини врвни репрезенти  во земјава и странство.