ммм - македонска музичка мрежа

Џибони доаѓа во Скопје!

Џибони доаѓа во Скопје!

На наше особено задоволство, но и на задоволство на бројната македонска публика, ве известуваме дека еден од најпопуларните пејачи на регионалната музичка сцена Златан Стипишиќ Џибони на 16. ноември ќе одржи свој самостоен концерт во Скопје. Овој концертот на Џибони ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“, а е дел од промотивната европска турнеја на неговиот нов албум „20th Century Man“. Во рамки на оваа турнеја со повеќе од 15 закажани настапи и по одличните концерти низ европските метрополи како Берлин, Прага и Виена, Џибони доаѓа и во Скопје.

Неговиот последен албум  „20th Century Man“ е снимен во продукција на британскиот продуцент Енди Рајт, добитник на Греми наградите и познат по соработките со изведувачи како што се „Масив Атак“, „Јуритмикс“, „Симпл Мајндс“, „Симпли Ред“. Овој албум е прв во неговата кариера кој е снимен на англиски јазик и со тоа пак, особено атрактивен за европскиот пазар.

„20th Century Man“, во најголем дел е снимен и продуциран во „Аби Роуд“ студиото во Лондон и на него се наоѓаат осум нови песни на Џибони. Помеѓу фаворитите од овие песни се истакнуваат најавниот сингл „Ain't Bad Enough For R'n'R“, насловната песна „20th Century Man“, баладите „Hide The Mirror“ и „Broken Finger“, и секако песната која го отвора албумот „Hey Crow“. Токму за оваа песна Џибони сними и видео спот кој го одзема здивот со својата атрактивност и визуелен впечаток, за што е заслужен исклучителниот уметник Зденко Башиќ.

Џибони е најпопуларниот хрватски пејач во последните петнаесет години и најтиражниот хрватски кантавтор на сите времиња. Ниту еден артист во регионот не бил толку едногласно признаен и наградуван и од критиката и од публиката. Неговите најголеми хитови од самиот почеток на неговата кариера подеднакво се слушани насекаде во регионот. Долга е листата на негови песни кои се познати како евергрини на регионалната сцена, а секоја негова песна носи единствен и уникатен потпис и печат, со кој Џибони, како ретко кој друг артист, го изгради и го зачува сопствениот музички идентитет. Неговата музика, своевиден поп и рок кросовер, со карактеристични елементи на медитеранскиот музички колорит, ја карактеризира единствено и меланхолично чувство, како и интимните и ангажирани текстови.

Публиката секој пат со нестрпливост ги очекува неговите нови албуми и концерти, кои секој пат за неколку скалила повеќе ја издигнуваат границата на успех и квалитет, која тој самиот ја поставува. Токму така ќе биде и со неговиот концерт во Скопје, кој не очекува на 16. ноември во С.Ц. „Борис Трајковски“. Скопје е пред исклучителна можност да го пречека музичарот кој зад себе има богата кариера подолга од 20 години, а покрај сите негови легендарни хитови како „Либар“, „Миракул“, „Не одустајем“, „Темпера“, „Опрости“, публиката ќе има прилика да ги чуе и новите песни од албумот „20th Century Man“.

Наскоро ќе бидат објавени и сите детали за продажбата на билетите за овој концерт - велат организаторите, План Б продукција.