ммм - македонска музичка мрежа

Голем јубилеен концерт во Скопје по повод 40 години „Бијело дугме“

Голем јубилеен концерт во Скопје по повод 40 години „Бијело дугме“

 

По повод 40 години од неприкосновеното „Бијело Дугме”, а во склоп на нивната светска турнеја „Ко не полуди, није нормалан”, Авалон Продукција ќе биде организатор на големиот славенички концерт на Горан Бреговиќ, придружуван од „Оркестар за свадбе и сахране” и Ален Исламовиќ како специјален гостин.

Ако пред девет години, „Бијело Дугме“ се собраа и направија три големи концерти, од кои ниеден во Скопје, туку во Белград, Загреб и Сараево, овој пат на мапата на концерти е и нашиот град.
На оваа турнеја, за која Брега изјавува дека ќе свират секаде во светот каде има „наши” луѓе, ќе бидат изведени сите најголеми хитови на „Бијело Дугме” од нивните девет албуми.
„Кад би био Бијело Дугме”, „Селма”, „Не спавај мала моја”, „Пристао сам бићу све што хоће”, „На задњем седишту мога аута”, „Ружица си била”, „Падају звезде”, „Лоше вино”, „Битанга и Принцеза”, „Сањао сам ноћас да те немам”, „Липе цвату”, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац”, „Хајдемо у планине”, „Има нека тајна веза”… ова е само дел од репертоарот на најпродаваниот, најнаградуваниот и најслушаниот бенд на целиот Балкан на сите времиња.

bijelo-dugmee

Ален Исламовиќ за овој голем спектакл изјавува:

Многу ми драго што со Горан повторно ќе застанеме на бина како во далечната 1989. Ќе ги свириме и ќе ги пееме сите најубави песни на „Бијело Дугме” и заедно со нашите фанови да го прославиме 40 годишниот роденден на бендот. Јас како последен пејач на Дугме и тогаш ги пеев сите песни, па можам и денес. Секако тоа ќе бидат концерти полни со многу носталгија, тага и среќа. На концертите ќе не прати “Оркестар за свадбе и сахране”, но во еден модерен манир. Сакам да ја искористам оваа прилика и да ги повикам сите генерации да ни се придружат заедно да го прославиме овој голем јубилеј.

Концертот ќе се одржи на 7-ми ноември во салата Борис Трајковски.