ммм - македонска музичка мрежа

Калиопи: Мелем - Егзотична планета Балкан!

Калиопи: Мелем - Егзотична планета Балкан!

Никогаш нема да го заборавам денот кога прв пат ги слушнав песните од новиот албум на Калиопи – Мелем. Тоа беше еден од најубавите денови во мојот живот. Ја имав ексклузивната чест на веќе подготвената музичка подлога, матрица, Калиопи од збор до збор да ми ги отпее сите песни. Две-три недели подоцна, заедно го преслушавме миксаниот материјал, а впечатоците беа уште посилни. Откако, по кој знае кој пат цедето го ислушав од почеток до крај – знам: Калиопи сними албум каков што и недостасуваше во текот на целата кариера...

Самата кариера на Калиопи, пак, е нешто што, не само што го посакува секоја пејачка од Македонија, туку е предизвик за секоја регионална ѕвезда која има сериозни планови во музиката.

Од раните хитови (Лео, Џулијан, Емануел...), преку песните за сите времиња (Бато, Остани во мене...), антологиските албуми (Обои ме, Ако денот ми е ноќ, Не ми го земај времето...), сосе еден куп емотивно-драматични балади (Не плачи, Ако денот ми е ноќ, Месечина, Кога проклето ти требам...) музика за балет (Јас, Исидора), и за филм (Елегија за тебе), до балканските (Želim ti reći и Порака) и евровизиската Црно и Бело..., конечно добиваме колекција на песни кои не само што ќе го зацврснат местото на дивата на Балканот, туку ќе ја позиционираат во самиот врв на сцената, каде што реално е нејзиното место.

Конечно, зошто е Мелем алката и што недостасуваше во целата кариера на Калиопи? Бидејќи е максимално заразен, хитовски, искрен, балкански... Без оглед колку тоа звучи диво и нескротиво. Толку обичен, а всушност бескрајно сложен. Зад секој стих, рима, збор..., е скриена страста на балканската жена која од буре барут создава букет со најубавото цвеќе. Да живееше на Балканот, место во Шпанија, и Лорка би пеел вакви песни...

Работен наменски, за просторот од Вардар до Триглав, Мелем плови на брановите на севдахот и на чардашот, а повторно е толку многу обоен со оние бои на Калиопи. Не станува тука збор само за нејзините вокални дострели, кои се повторно максимални, туку се работи за комплексна емотивна приказна со која дивата и тоа како знае да се носи. Бездруго, не залудно и самата најмногу се наоѓа во монументалната балада Вучица, една од најсилните во целата нејзина кариера.


Комплетниот автор на материјалот е старо-новиот соработник на Калиопи, нејзиниот поранешен животен придружник Ромео Грил. Ако го изземеме евровизискиот проект лани, Калиопи и Ромео се во иста приказна за прв пат по 1999-та година, кога беше објавен антологискиот Обои ме. Всушност, колку Мелем е значаен за самата Калиопи, значаен е и за Ромео. Не затоа што и подари десет хита, туку затоа што успеа да ја скроти и страста и болката, и да ги спои во најубавата песна. Најпосле, во Мелем се вткаени сите бои на тагата, копнежи, желби и соништа на една неповторлива личност. Калиопи!

А, кога сме кај песните... Мелем, Вриснем и Аман и тематски и емотивно се теми кои со посебен мерак би ги отпеала и кралицата на севдахот Ханка Палдум. Како уште од сега го слушам дуетот на двете големи пејачки, на концерт во Скопје или во Сараево... Сеедно!


Не случајно избрана за прв сингл на веќе објавениот албум, темата Мрвица, убива на прва, а, пак, виолината на маестро Џорлев во Локомотива се претвора во тон на кој Балашевиќ му го посветил целиот живот. Опрости, Дан и Жуто, пак, се trademark по кој ја знаеме Калиопи цел живот, додека Вучица е нејзината најкуса и најточна животна автобиографија – Нек ми узму све, ја имам нешто изнад облака... Обриши ми сузу с лица, ако иде да не виде... Тажна и осамена жена. А, сепак, исправена и горда. Како што еднаш, во една друга песна, и самата се опиша - Силна!


Постои ли денес хемија на релација Калиопи – Ромео Грил? Несомнено! Работна и креативна, за нас, обичните смртници најважна. Во спротивно, како што вели реплика во еден филм, ќе ги немавме овие песни!

Ако је судбина хтјела да тебе поново сретнем ја, не могу вратити вријеме кад сам тебе љубила. Ако зауставим вријеме, можда би друкчије било све. Ал знам да није до мене, и никад неќе бити исто ко пре... – вели Калиопи во песната Ако, единствената во целата колекција која самата ја напиша. А толку јака...

Песните од албумот Мелем, во балканскиот универзум, составен од се и сешто, се доживуваат како егзотична планета. Гласот и емоцојата на Калиопи, пак, се место каде просторот и времето се трансформираат во некоја повисока димензија на постоење. Мелем е природен лек за многу нешта. И за љубовта и за тагата... Музичкиот Мелем на Калиопи има бескрајно и повеќекратно дејство. Вонвременско. Како во рајот...

Иван Беќковиќ