ммм - македонска музичка мрежа

Феноменален концерт на Виолина и Глас, Џорлев и Спасовска

Феноменален концерт на Виолина и Глас, Џорлев и Спасовска

 

Вечерва на сцената на новиот Македонски Народен Театар свој концерт имаа Зоран Џорлев и Сузана Спасовска, кои настапуваат под името Виолина и глас. На раскошната сцена, заедно со нив настапија и Фор стрингс, гудачко трио составено од Олгица Здравковска, Димитар Михајловски и Љупка Манчева. Тие, сите заедно под будно око на првата виолина, професорот Џорлев, ги изведоа десетте старо-нови песни содржани на својот албум.

27

Се работи за албум со народни песни, со нови обработки и аранжмани на Сашо Ливрински. Ливрински и даде ново лице и на големата Т'га за југ, на Константин Миладинов, со својата музика која ја направи за оваа песна.

foto-26

Пред голем број колеги, музичари, новинари и љубители на музиката, виолината на Џорлев, виртуозот на четирите жици, исто како и Гласот на Сузана Спасовска, не затреперија ни за момент. Како Гласот да беше петти инструмент на сцената, а нежните, болно убави звуци на македонските народни песни облечени во новите аранжмани на Ливрински мамеа громогласни аплаузи од публиката. Стилизираните костими, опточени со срма инспирирани од македонската традиционална носија, самата атмосфера и убавината на прикажаното, заедно со самиот тој објект кој целиот живее во едно друго време, како да не вратија во минатото за да ја почувствуваме енергијата на македонското културно и музичко наследство. 

foto-49

Од сентименталната, нежна и сензуална, дури два пати изведена Те видов и се заљубив, преку разиграниот аранжман во Градел Илија манастир, громогласниот аплауз и воодушевување од Сношти појдов мила мамо, до носталгичната, тажна, но енергична Т'га за југ, се укажува дека ова е албум кој ќе трае...

Маја Беќковиќ Фото: Дарио Јанковиќ