ммм - македонска музичка мрежа

Авалон ги претстави новите соработници: Групата Темпера

Авалон ги претстави новите соработници: Групата Темпера

 

Авалон Продукција започнува соработка со новата македонска група Темпера и во следниот период Авалон Продукција ќе биде извршен продуцент, односно издавач, промотор и букинг агент на бендот Темпера.

„Темпера“ е оформена 2013 година во Скопје, а во неа членуваат музичари со огромно искуство, кои учествувале или соработувале со најголемите и најкултните македонски бендови: Архангел, Мизар, Кисмет, Влатко Стефановски Трио…

Драган Гиновски – Гино – гитарист и композитор. На свои 15 години, го оформува „Гино де Гаги“ – урбан андерграунд бенд, а во 1988 година заедно со Ристо Вртев и Дејан Аргировски го создаваат македонскиот култен бенд Архангел, каде членува се до 2011година. Како дел од Архангел, многу музички критичари го прогласуваат за еден од најдобрите рок гитаристи во Македонија.

Ѓоле Максимовски – бас гитара и композитор. Музички активен од средината на 90-тите години, басист и композитор на албумите на „Тилт“, „Сет“, „Беневентан Трио“, „Мозаик“ како и основач на бендот „Кабадајас“. Од 1998 до 2005 година е член на Архангел. Учесник е во снимањето на албумите на „Алшар“, „Мугер Фугер“, а во моментов како и во изминатите 10-тина години е дел „Влатко Стефановски – Трио“ со кого има остварено успешни соработки со неколку светски реномирани музичари како Јан Акерман, Теодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ.

Мите Димовски – тапанар, композитор, аранжер, продуцент. Својата музичка кариера ја започнува на свои 12 години во групата Цилиндер, како најмлад тапанар во екс Југославија. Најголемиот дел од својата кариера како музичар ја има поминато во групата „Архангел“ од 1991 до 2005 година и учествувал во снимањето на 4 албуми на бендот. Во својата дваесет годишна кариера има учествувано во импозантни, преку 400 проекти како продуцент, а покрај многуте музички имиња соработувал и со Мизар, Анастасиа, Фолтин, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски…

Тања Тас – вокал и текстописец. Уметник, дипломиран сликар и графички дизајнер, својата музичка кариера ја започнува на 16 годишна возраст како вокал на првиот македонски блуз бенд Wild Bunch. Континуирано од тогаш учествува во доста музички проекти заедно со Кисмет, Лилит, Горан Трајкоски – Готра, Игор Атанасовски Харе…