ммм - македонска музичка мрежа

Темпера разиграна на промоцијата

Темпера разиграна на промоцијата

 

Скопскиот супер состав Темпера во вторникот (10 јуни) го промовираше својот деби албум Играј!, а со жива изведба на неколку теми од цедето вистински ги разиграа сите кои вечерта беа во Станица 26.

Групата Темпера која ја сочинуваат искусните музичари, со долг бекграунд зад себе, со својот деби албум ја вратија вербата во македонскиот рок ен рол, особено затоа што на тоа поле веќе подолг период се нема случено ништо позначајно. Групата ја сочинуваат легендарниот тапанар и продуцент Димитар Димовски ( Мите Тра ла ла) кого го знаеме од групите Цилиндер, Архангел, Митан проект.., Драган Гиновски Гино (гитари) кој членуваше во Гино Де Гаги и нивните страсти, Архангел..., Ѓоле Максимовски (бас), веќе долги години дел од Влатко Стефановски трио, а од неодамна и составот Кабадајас. И секако харизматичната уметничка Тања Тас (вокал).

На албумот објавен како 42-ро издание на Авалон продукција се наоѓаат десет песни, девет на македонски и една на англиски јазик. Жанровски музиката на Темпера можеби би можела да се стави под етикетата арт-рок, особено ако се има предвид дека музичката слика која ја рефлектираат совршено се надополнува преку визуелниот сегмент, вклучувајќи ја обвивката и спотовите, се креирано од Тања Тас.
На промоцијата убедливо ги отсвиреа неколкуте песни од албумот, покажувајќи со колку леснотија и креативност наоѓаат пат до публиката. А беше прикажан и спотот за темата Пластични кули, прв сингл кој го отвора албумот.

На промоцијата беа присутни многу колеги музичари кои со своето доаѓање му дадоа поддршка на овој голем проект:  Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Влатко  Ѓоргиев (Infuse), Гуру Харе, Танче Гроздановски, Горан Трајковски (екс Анастасија, Мизар), Фиц (екс Студени нозе), Енко (Ласт Експедишн), Кире Колемишевски (екс Нокаут)... А меѓу останатите од кои голем број новинари, тука беа и Трендо, Бетмен Велит и други.

Своето големо концертно крштевање Темпера ќе го има веќе до крајот на овој месец, кога ќе настапат како специјални гости на скопскиот и белградскиот концерт на легендарниот Били Ајдол. Според квалитетот кој свирачки и креативно го носи бендот, содржан во песните од деби албумот играј, не се сомневаме дека во периодот кој претстои ги очекува богата концертна активност во земјава и регионот.