ммм - македонска музичка мрежа

Били Ајдол во Скопје: Два часа искрен рокенрол

Били Ајдол во Скопје: Два часа искрен рокенрол

 

Без малку цели два часа тврдината Кале ечеше од гласот и музиката на Били Ајдол, еден од најголемите рокенролери во историјата на светската музика. Тој синоќа по втор пат имаше средба со скопската публика. Имено, настапот на Били Ајдол во Скопје беше дел од традиционалниот фестивал Скопје гори 2014 во организација на Авалон продукција, кој годинава го отворија перспективните The Protagonist, чиј деби албум светлината на денот ќе ја здогледа оваа есен.

liae7bpw

По нив настапи групата Темпера, во моментов најекспонираниот македонски рок бенд, предводен од искусните музичари како Мите Димовски и Драгана Гиновски Гино, некогашни членови на Архангел, пејачката Тања Тас и за оваа прилика Виктор на бас.

Убедлива свирка, всушност промоција на нивниот неодамна објавен деби албум Играј!, па средбата со домашната публика на некој начин беше проверка како материјалот функционира кај слушателите.

Фестивалот Скопје гори, еден од ретките кој во нашиот град се одржува под отворено небо, беше феноменално организиран, без доцнења и според предвидената саатница.

Секако ѕвездата на вечерта вредеше да се почека, но само десет минути по најавениот тајминг.

Неколку илјади верни фанови на рокенролот го пречекаа Били со нетрпение, а тој уште на самиот старт започна силно со звуците нa Postcards, по што се редеа Cradle Of Love, Dancing, Flash, Love And Glory… Палавото момче Били како да нема загубено ништо од енергијата од времето кога го освојуваше светот. И додека во брзите песни беше жесток и бесен, во баладите со глас на дете сосема искрен и романтичен.

i1hz89qk

Иако Вилијам Мајкл Алберт Броуд има цели 58 години, Били Ајдол се уште е дваесетгодишник кој скока, жари и пали на сцената. Како Џегер во најдобрите денови.

На големо воодушевување, особено од женскиот дел од публиката, наиде традиционалното соблекување на маицата, па некои песни ги отпеа полугол.

Секако за да целиот звук биде беспрекорен се погрижи неговиот придружен состав, кој со иста енергија го следеа Идолот. Секако посебна заслуга му припаѓа на Стив Стивенс, гитаристот со посебен шарм и харизма, чии бравурозни гитарски мајстории ги воодушевија присутните и го кренаа адреналинот до максимум. Стивенс кој е долгогодишен соработник на Били Ајдол, а беше познат и како гитарист на Мајкл Џексон, неодамна настапи и на белградскиот концерт на Џибони.

 

По без малку два часа искрен, полнокрвен и жесток рокенрол каков одамна нема почувствувано главниот град на Македонија, некаде околу полноќ, неколку илјадната публика со сиот глас ги пееше најголемите хитови на Били Ајдол: King Rocker, Love Like Fire, Blue Highway, Rebel Yell, Wedding и Mony Mony…

Со голем респект кон публиката и државата која два пати ширум му ги отвори портите Били  Ајдол се прости од пристните со ветување за повторна средба.