ммм - македонска музичка мрежа

СОВРШЕН КОНЦЕРТ: Нокаут на иста фреквенција со публиката

СОВРШЕН КОНЦЕРТ: Нокаут на иста фреквенција со публиката

 

Вчера вечер пред преполната Универзална сала групата „Нокаут“ одржа феноменален акустичен концерт, со кој, заедно со гостите, вистински ги воодушевија многубројните фанови.

DSC_0028

Со петнаесет минутно академско доцнење, музичкото патување го започнаа со веќе антологиската „Фатална опсесија“ премиерно исполнета на „Макфест 1997“, по која се нижеа многубројните хитови од безмалку дведецениската работа на бендот, „Танго“, „Лебедот бел“, „Да си тука вечерва“, „Добро утро, будење“, „Африка“…

Првиот гостин на вечерта Тони Зен, кого фронменот на „Нокаут“ Пере го претстави како најдобар рапер меѓу билдерите и најдобар билдер меѓу раперите, ја загреа атмосферата со заедничката тема „Исти“, од сѐ уште актуелниот албум „Микроорганизми“.

DSC_0057

Атмосферата дополнително се вжешти со излегувањето на фронменот на групата Д.Н.О. Владимир Поп Христов – Мио. Мио, кој е инаку автор на некои од најголемите хитови на „Нокаут“, како „Лебедот бел“, „Запомни тоа е се што имаме“…, беше на нивото на задачата со двете теми кои ги исполни на концертот. „Идеме до крај“ и баладата „Очи боја бадеми“, посветена на неговата ќеркичка Хана звучеа одлично дополнети со свирката на бендот.

DSC_0102

Се редеа баладите „Леат дождови“, „Би се викал те сакам“, „Самовила“… и веќе беше време за новите гости, скопскиот алтернативен состав „Ласт експедишн“. Иако доаѓаат од поинаква музичка провиниенција, присутните во салата ги пееја нивните песни „Немоќен и чуден“ и култниот хит „Шефе“, кој Енко и последната експедиција го исполнија во оригиналната постава, со колегите од „Нокаут“.

DSC_0133

Финалето на концертот беше резервирано за „Временска машина“, „Мене ми припаѓаш“, а последниот гостин Игор Џамбазов, на само себе својствен начин настапи со „Испробај ме ти“, „Диши длабоко“, „Понекогаш“ и „Бестрага“, која иако оригинално ја исполни Брејк, веројатно вчера вечер ја имаше својата најдобра изведба кога било!

DSC_0187

Финалето на концертот можеше да се насети со „1000 причини за крај“ и „Знаеш каде да ме најдеш“, но публиката едноставно не сакаше да си замине дома. Бендот непланирано се врати на бината уште еднаш за да ја исполни „Еј Би Си“, песната со која всушност и ја започнаа својата кариера како „Нокаут“, и „Ти си проблем“ од репертоарот на „Студени нозе“, по што светлата на Универзална сала почнаа да се гасат.

DSC_0247

„Ова е прв и последен концерт на Нокаут во Универзалана сала – се пошегува Игор Џамбазов – која ако не ја срушат, набргу самата ќе се сруши.

Сума сумарум скопјани имаа можност да присуствуваат на еден одличен концерт на еден урбан, модерен градски бенд. Во осумчелната постава на бендот, предводена од Никола Перевски Пере и Владимир Крстевски Франц, како придружен вокал настапи и Михаела, постарата ќерка на Пере.