ммм - македонска музичка мрежа

Концерт на етно групата „Монистра“ во Битола

Концерт на етно групата „Монистра“ во Битола

 

Македонската етно група „Монистра“, етно атракција која секогаш предизвикува големо внимание, вечер ќе одржи целовечерен концерт во големата сала на Центарот за култура-Битола, кој е организатор на настанот.

Од Центарот информираат дека етно групата „Монистра“, која интерпретира македонска етно музика на изворни инструменти, постои голем интерес во градот и настанот се очекува со големи симпатии, пренесува МИА.

– Очекуваме многубројна публика, полна сала во која ќе прозвучат познатите изворни инструменти збогатени со современи аранжмани кои со својот квалитет и креативен пристап се етаблираа на македонската музичка сцена. Но, за „Монистра“ се знае и надвор од државата затоа што групата настапувала во Израел, Франција, Египет, Италија, Турција, Словенија и Хрватска, истакна Валентин Соклевски, координатор на вечерашниот концерт во Битола.

Етно групата „Монистра“ е формирана во 2002 година и во настапуваат Александар Јовевски (кавал, тамбура и гајда), Филип Николовски (тамбура), Јован Стрезовски (тамбура), Марјан Андоновски (тапан и тарабука), Дамјан Зифовски (ударни инструменти), Габриела Јанушевска (вокал), Дарко Ничевски (клавијатури).