ммм - македонска музичка мрежа

Наташа Малинкова со нов, летен хит и спот

Наташа Малинкова со нов, летен хит и спот

 

Таа зрачи со позитивна енергија, има впечатлив силен вокал и долгогодишна музичка кариера на македонското естрадно небо.

Раѓањето на втората ќерка и посветеноста кон неа, ги стави за приоритет, додека со музиката реши да паузира две години. Сега, иако незаситена од чувството по вторпат да биде мајка, нашата позната пејачка Наташа Малинкова најавува голем камбек на сцената, поразлична, позрела и пред се полна со ентузијазам и самодоверба.

Нови старт имаше на неодамна одржаниот фестивал „Макфест“ каде настапи со песната „Каде и да си“, дело на нејзиниот долгогодишен соработник Столе Аврамов. Дека максимално и се дава на музиката потврдува тоа што веднаш по фестивалот промовира уште еден нов сингл „Едно си ти, друго сум јас“, за кој снимаше и спот. Авторскиот дел повторно го потпишува истиот композитор, додека видеото е реализирано во преубавиот Охрид од „Sky Eye“ продукција. Во врска со многуте новитети кои ги има зацртано во својата агенда, Наташа најавува, работа, само работа и многу изненадувања за публиката.

Изминатиот период паузирав од натапите, но на задоволството да бидам мајка по вторпат. Сепак, тоа време беше и одличен момент за инспирација кој сега излегува на виделина. Задоволна сум од неодамнешниот настап на „Макфест“ кој е неизоставен дел од мојата кариера како фестивал, но не застануваме тука и веднаш промовираме ново. „Едно си ти, друго сум јас“ е песна субвенционирана од Министерство за култура и верувам дека брзо ќе стане препознатлив летен хит, токму поради темпераментот и летната позитива во неа – вели Наташа.

Малинкова не го забавува темпото и летово ќе го мине во работна студиска атмосфера каде веќе се подготвуваат уште нови композиции со нејзиниот проверено успешен тим на соработници. Покрај творењето, секако нема да изостанат ниту континуираните настапи низ земјата.