ммм - македонска музичка мрежа

Каталонците „Ла Пегатина“ за жестока музичка фиеста на ТАКСИРАТ 17

Каталонците „Ла Пегатина“ за жестока музичка фиеста на ТАКСИРАТ 17

 

Во омилениот период од годината за „таксиратлии“, покрај најавените настани од офф-програмата, време е да се подготвите и за фестивалското финале на „ТАКСИРАТ“ кој веќе го комплетира списокот на музичките гости. Главната вечер на 17. издание на „ТАКСИРАТ“ ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје. Првото име од селекцијата на изведувачи кои ќе се погрижат и овој „Таксират“ да го запаметите како несекојдневна и исклучително позитивна вечер од вашето градско секојдневие, е еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „ЛА ПЕГАТИНА“ (La Pegatina). Групата која за кратко време со својата извонредна енергија ја освои публиката ширум светот, во својата биографија има повеќе од 15 признанија и награди за најдобра група, најдобар албум, најдобар спот, најдобра песна, најдобра меѓународна турнеја, најдобар музички документарец и меѓу нив секако најбројните, наградите за најдобар настап во живо. А токму еден таков очекуваме и на нивното прво гостување пред македонската публика, на кое седумтемина мајстори на френетичните ритми ќе ја освојат „Метрополис Арена“ со последниот албум „Revulsiu“, објавен годинава и оценет како најдоброто остварување на „Ла Пегатина“ досега.

Уште од своите почетоци во 2003 година, овие момци се наметнаа како една од најактивните групи на каталонската сцена, која до ден денес ужива во секој настап како да е прв и секојпат ја изненадува публиката. А токму тоа групата ја прави вистински избор за „Таксират“. Нивниот фестивалски дух, нивната енергија и нивната поврзаност со публиката доаѓаат како ненадејна бура каде и да настапуваат. Уште повеќе, тие лансираат автентичност која е видлива во сѐ што прават и во начинот на кој го прават тоа. А што свират? Тоа е оној звук на „урбана румба“ кој неизбежно ве тера да танцувате и постојано барате уште повеќе. Згора на тоа, нивната музика е воедно и протесна нота со пораки за одбрана на човековите права, почит и борба против неправдата, војните и лагите, секогаш илустрирајќи ги универзалните позитивни вредности. Во истите оние заразни рефрени на шпански, каталонски и француски јазик, ќе најдете текстови створени за забава и уживање, но и од оние кои се повеќе рефлексивни, директни и пркосни, кои оддаваат почит кон револуцијата и борбата за подобар живот.

На „Таксират“ групата доаѓа воедно претставувајќи го и својот последен албум објавен годинава. „Revulsiu“ означува нешто што предизвикува ненадејна силна промена или реакција, а повеќе од очигледно, ова е вистинското име за петтиот албум на „Ла Пегатина“ и совршено го опишува она што се случува кога оваа група ќе стапне на сцена. И овој пат, „Ла Пегатина“ покани многу соработници кои демонстрираат, како што велат дека „патот се отркива во од“, но пред сѐ, стекнувате пријатели на тој пат, кои ви е чест да ги поканите на музичката фиеста во која се претвора секој нивни албум. Во оваа прилика налетуваме и на нивните босански агитатори „Дубиоза колектив“, боемскиот „Капитан Кобарде“ (Capitán Cobarde) од Севиља, мадридските револуционери „Ска-Пи“ (Ska-P), монголскиот панк-фолк звук на „Хангаи“ (Hanggai), алтернативните аргентински рокери „Онда Вага“ (Onda Vaga), дивиот јапонски оркестар „Тртл Ајланд“ (Turtle Island) и други.

Овој албум, секако дополнително ќе ја понесе нивната музика на меѓународно ниво. И ако тие веќе ја разиграа публиката на нивните победоносни настапи во цела Европа и подалечните земји, како Канада, Кина, Јапонија, Еквадор, Уругвај, Аргентина и Чиле, тогаш и Македонија треба да биде подготвена. „Ла Пегатина“  доаѓаат со целосно наполнети батерии, подготвени да ја ослободат сета енергија на сцената на „Таксират“. Спремете се да уживате во овој перформанс, затоа што „Ла Пегатина“ едноставно значи забава, среќа, танцување и радост!

И доколку не сте од оние кои веќе знаат за што станува збор, нека не ве фаќа паника и бидете сигурни дека со „Ла Пегатина“, „Метрополис Арена“ е загарантирано зоната за вашиот нов најлуд провод. Имено, секоја година „Таксират“ на својата публика и претставува по некое „скриено богатсво“ спакувано во исклучително квалитетни бендови кои (намерно или ненамерно) ретко каде можете да ги чуете на друго место. Ако пред неколку години еден таков момент беше кога сите од „Таксират“ заминаа потпевнувајќи ги песните на „Че Судака“ кои го одржаа еден од најенергичните настапи на фестивалот досега, оваа година бидете сигурни дека повторно ќе ги поместиме границите и подгответе се за интензивно танцување со жестокиот звук на „Ла Пегатина“.

Наскоро очекувајте ги и останатите новости за главната вечер на 17. издание на „Таксират“. Годинава во знак на „Таксират“ ќе се одржат и бројни дополнителни музички настани, од кои веќе е најавено одржувањето на втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27. и 28. ноември во МКЦ, која ќе биде затворена со годинашното издание на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ (сабота, 28. ноември).