ммм - македонска музичка мрежа

ВИДЕО: Бендот „Визија“ го промовираше првиот спот

ВИДЕО: Бендот „Визија“ го промовираше првиот спот

 

 

 

Неодамна беше промовиран првиот видео спот на скопскиот бенд Визија, за песната “Гласот на мојата душа”.

Спотот е во режија Марко Џамбазоски, кој воедно е и сценарист и монтажер, снимател на истиот е Кристијан Караџовски, шминка Биле Младеновска, а додека улогите ги толкуваат Стефан Петровски, Александар Алексовски, Дамјан Јосифовски и Дејан Младенов. Спотот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Бендот „Визија“ постои четири години, а во него членуваат Марко Џамбазоски соло гитара и придружен вокал, Марко Гапо вокал и ритам-гитара, Лилјана Јанкова бас-гитара и придружен вокал и Синиша Ѓорѓевиќ, тапани.

За еден од најголемите успеси на бендот се смета настапот на 47-то издание на “Гитаријада” во Заечар, во 2013-та година, а набрзо потоа и на “Јелен Демофест” во Бања Лука, каде што добија одлични критики. Потоа следуваат концерти во Скопје, Никшиќ, Благоевград, Штип, Куманово и во Белград.

Важни за овој бенд се и позитивните критики од британската музичка интернет-страница “Emerging Indie Bands”, што на нивната листа од најдобри 90 нови бендови за 2014-та година ја поставува Визија на 7-то место, како и американската радиостаница “WMBR” што ја вбројува песната “Гласот на мојата душа” меѓу најдобрите за 2013-та од територијата на поранешна Југославија.

Тие на 28-ми минатиот месец настапија на новото издание на Таксират Лузер фест кое што се одржа во Младинскиот Културен Центар во Скопје.