ммм - македонска музичка мрежа

Розга и Георгиев на МАРС 2013

Розга и Георгиев на МАРС 2013

Шестото издание на Македонскиот радиски фестивал МАРС 2013 годинава ќе се одржи на 26 ноември во Универзална сала –Скопје која традиционално и овој пат се јавува како продуцент и организатор на фестивалот, кој финансиски е поддржан од град Скопје. Селекцијата на најпопуларните годинешни радиохитови како и до сега ја вршат 45 локални, регионални и национални радиостаници ширум Македонија, а 15-те највртени песни во македонскиот радиоетер ќе се најдат на финалната вечер на МАРС 2013 која ќе биде директно пренесувана на првиот канал на националниот сервис – МРТВ.

И додека радиостаниците ги праќаат своите листи за конечната  да се знае во почетокот на месец ноември  кога ќе се сумираат резултатите на  пристигнатите гласови,  организаторот наголемо ги прави финалните фестивалски подготовки. Така, покрај македонската музичка елита и годинава на МАРС 2013 ќе настапат  две големи музички имиња од територијата на бившите ЈУ простори кои ќе бидат и специјални гости на Македонскиот радиски фестивал.

Наградите за Ѕвезди од соседството чии песни биле најпопуларни во македонскиот радиоетер во тековната година и овој пат ќе отидат кај две големи музички имиња. Првата е  една од најпознатите и најпопуларни хрватски поп пејачки, некогашниот вокал на групата Магазин, која сега има успешна соло кариера,  сексипилната Јелена Розга, чии последни песни Она или ја, Карантена, Соло играчица, Нирвана, Обожавам... годинава беа големи радиски хитови на на бившите ЈУ простори и секако кај нас. Другиот е ултрапопуларниот музичар, композитор, текстописец, продуцент и пејач од Белград,  Владо Георгиев, чии хитови од новиот албум Далечина кој се појави во почетокот на месец јуни годинава, буквално ги преокупираат радиофреквенциите и не се симнуваат од програмата на стотици радиостаници во сите бивши ЈУ републики, меѓу кои се  и оние од македонскиот радиоетер.

Јелена Розга и Владо Георгиев специјално ќе допатуваат во Скопје за да ги примат наградите на МАРС 2013, а со своето присуство и настапи тие ќе ја збогатат програмата,  зголемат рејтингот и ќе го подигнат реномето на шестото издание на Македонскиот радиски фестивал кој и понатаму останува ревија на најпопуларните македонски музички ѕвезди, кои во една вечер нудат парада на најслушаните хитови во 2013 година. Затоа МАРС важи за македонски музички “all stars”.