ммм - македонска музичка мрежа

Фонија и Culture Development на турнеја

Фонија и Culture Development на турнеја

Вистинските претставници на новата македонска музика, скопските состави Фонија и Culture Development овој петок (24.8.2012) тргнуваат на својата прва турнеја. Во петнаесетина дена бендовите ќе реализираат девет концерти во Белград, Суботица, Зрењанин и Сомбор во Србија, потоа Љубљана, Руше и Белтинци во Словенија и Куманово и Скопје во Македонија.

Точната листа на сите места и датуми можете да ја проверите на сајтот на букинг агенцијата Андале – која е организатор на оваа турнеја.

Ова е прва турнеја за двата бенда што не е ништо невообичаено имајќи во предвид дека најстариот во екипата има само 20 (дваесет) години. Едни од предводниците на мелодичниот панк рок, Фонија на оваа турнеја ќе го промовираат својот трет албум Зелен, сончев ден издаден оваа година за независната Направи заедно издавачка куќа. Бендот пак за кој допрва ќе се зборува, Culture Development ќе тргне на концертна промоција на деби изданието The 3 of Us кое ќе се појави во септември, исто така преку Направи заедно. Ова издание и официјално ќе биде промовирано на повратничкиот концерт во Скопје закажан за 7-ми септември.

Инаку Андале букинг работи и на настапите на Сашко Костов и неговиот бенд The Waiting Waits кој на 1-ви септември ќе биде дел од годинашното второ издание на Фестивалот Слободна зона во Виница. Андале како партнер на фестивалот Open Sound во Црна Гора ќе ги реализира двата настапи на Сашко Костов во Бар и Подгорица, за на 21 септември во летниот клуб Хавана во Скопје да се случи големата концертна промоција на последниот албум на Костов Silent in the Crowd.

По неа Костов заминува на дваеседневна турнеја низ Европа посетувајќи ги балканските држави, Полска, Германија, Холандија и Швајцарија. Исто така во подготовка е и есенската европска турнеја на Новиот Почеток планирана да се реализира во ноември оваа година.