ммм - македонска музичка мрежа

Суперхикс во Хрватска и во Словенија

Суперхикс во Хрватска и во Словенија

 

По повеќе од петнаесет гостувања на „Суперхикс“ низ Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Германија и Чешка, еден од најоригиналните состави на нашата сцена, ја продолжува турнејата 2012. Викендов групата заминува за Хрватска каде што на 7-ми септември ќе одржи концерт во рамките на регионалниот културно-музички фестивал Региус во Шибеник. Хикси кои секоја година се закитуваат со низа признанија кај нас и во регионот, „Региус“ ги најавува како најдобрата група од Македонија и еден од хедлајнерите за второто издание на фетивалот. Покрај нив на „Региус“ гостуваат и Антенат - групата за која се вели дека го измисли терминот субреге, Бага Саунд, Бркови, Кавасаки 3П (Kawasaki 3P), култната панк институција од Србија Атеист Рап (Atheist Rap), Лет 3 и други. Програма со која неизбежна е одлична забава, а сигурно е дека ска-фештата на Суперхикс ќе го одбележи и овој фестивал со уште едно еуфорично концертно лудило.
Веднаш по „Региус“, неуморните Хикси го продолжуваат своето ска-панк патешествие со нивните фанови во Словенија. Таму на 8-ми септември е закажана нивната клубска свирка во Средишче об Драви.

Ова беше уште една долга и работна пролет-лето сезона за „Суперхикс“. Најпрво го одбележаа месец април со неколку настапи. Започнаа со Велигденска посета на Хрватска каде настапија во Загреб и Риека, продолжија во Валандово и на самиот крај на месецот април настапија на фестивалот на новата генерација „Trenchtown“ во Србија. По овој пролетен подем, тие ја отворија летната сезона со полна пареа. „Суперхикс“ на 16-ти јуни имаа два настапи во два различни градови во Германија, прво во Дрезден на „Lustgarten Festival“ па потоа истиот ден и во Фрајберг. Јуни го завршија со настап на „Т’к - Так Фест“ во Кавадарци, каде што уште еднаш извонредно се покажаа пред својата публика. „Т‘к - Так Фест“ го најави настапот на „Суперхикс“ како кулминација на фестивалот. Серијата успешни летни настапи, „Суперхикс“ ја продолжи со настап во Храдец Кралове, Чешка на реномираниот фестивал „Rock For People“, а таму настапија покрај „Феит ноу мор“ и „Продиџи“.
Враќањето во Македонија го одбележаа со настапот во рамките на Штипското културно лето и без здив ја оставија штипската публика. Кочани беше нивна следна дестинација и следна можност за воодушевување на фановите. На 1.400 метри надморска височина се наоѓаше следната сцена која „Суперхикс“ без сомнеж ја освои со позитивниот и енергичен настап на „Лазарополе-фест 2012“. Својот последен настап на домашен терен Хикси тимот го имаше на „Струмица Опен фестивал“ каде пред 33 илјади посетители се покажа како најдоброто од фестивалот, а на фејсбук анкетата “Кој од концертите на изведувачите на “Струмица Опен Фестивал“ беше најдобар и направи најдобра забава?“ убедливо го собраа мнозинството од гласовите.
По овие настапи веќе нестрпливо го очекуваме најавеното објавување на новиот студиски албум на Суперхикс, кој се очекува кон крајот на годинава и ќе биде одбележан со голем солистички концерт.
Нема стоење за „Суперхикс“! Rock on!